Надворешнополитичко зевање

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Според сите вчерашни медиумски извештаи, посетата на грчкиот министер за надворешни работи на Скопје дополнително ја зацврсти позицијата на Преспанскиот договор во билатералните грчко-македонски односи: новата грчка влада не само што го поддржува Договорот, туку бара да се работи и на негово забрзано спроведување. Преспанскиот договор е „завршена работа“, колегијално се согласиле двајцата министри. Грчкиот министер Дендиас, дури, Договорот го оцени како заслужен за „драматично подобрување на односите“ меѓу двете земји, а Грција дава целосна поддршка за што поскоро започнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.

Кога вака ќе се извести за посетата на грчкиот, десничарски, министер за надворешни работи на земјава, делува како уште една протоколарна, здодевна вест од „редовните активности“ на нашето Министерство за надворешни работи. Голема работа – дошол уште еден странски министер, се точкаат како на бескрајна лента, дрн-дрн-дрн…

А само до пред две години, секоја од тие грчки посети беа драми на годината, предмет на срцепарателно национално „Да се биде или не!“, полигон за неуморни и дипломатски деликатни мерења на „мускулите“ помеѓу домаќините и гостите и за бескрајни медиумски дебати за регионалните конспирации во кои беше „заглавена“ јавноста во нашата земја. Денеска, македонската опозиција, од сите бои и степени на радикалност и невротичност, не наоѓа за потребно по повод посетата на Дендиас ни пригодно мрчаторско соопштение да објави со кое би предупредиле на „предавничката природа“ на власта и на погубноста, по судбината на нацијата, на нејзината надворешна политика. Зеваат како риби исфрлени по поплава.

Може да мислите што сакате, но ова не е мала победа за сите нас. Не дека проблемите се завршени или дека, веќе утре, нема да има редовни надворешнополитички проблеми или некоја нова билатерална провокација од некого, за што ќе треба да се поведат и помалку пријатни разговори – но, важна е насоката во која се движиме! Таа насока – и, во овој контекст, „драматично подобрување“ не е претерана квалификација на состојбите – е за соработка и намалување на меѓусебните недоразбирања и непријателства со кои сегашнава Северна Македонија до некни секојдневно се соочуваше.

На еден парадоксален начин, денеска е задоволство кога слушаме здодевни интервјуа по медиумите со Никола Димитров или со Бујар Османи, дури без разлика и на трилерот на толкувањето во „кристална топка“ на француската импровизација од политика кон Западниот Балкан.

Ако ништо друго, тоа ни остава поголем простор за редовните внатрешно-политички предизборни валкани кампањи за секојдневни дискредитации и понижувања на политичките противници. Огромни се инвестираните криминални интереси за смена на сегашната власт и за завршување на кривично-правните проблеми низ коишто поминуваат десетици протагонисти од претходната власт. Сега или никогаш!

 

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот