Надвор сѐ постудено, радијаторите сѐ помлаки, граѓаните измрзнати

парно радијатор греење
Парно греење / Фото: Архива на Слободен печат

Граѓаните што се греат на парно и натаму се или измрзнати, доколку се приклучени на системот на Топланата Скопје Север или недоволно згреани доколку ги грее БЕГ, а решение на повидок нема.

Денеска падна првиот снег во Скопје и температурата се спушти околу нулата, а деновиве се очекува ноќните температури да паднат до минус 10 степени, а граѓаните што се греат на парно и натаму се или измрзнати, доколку се приклучени на системот на Топланата Скопје Север или недоволно згреани доколку ги грее БЕГ.

Според информациите од БЕГ енергетика, тие редовно испорачуваат греење до  потрошувачите, иако со оптимизиран режим за во домовите да се одржува температура од 20 степени Целзиусови. Сепак, граѓаните се жалат дека радијаторите не се топли, туку млаки, дека греењето не е доволно и дека наместо во шест часот наутро, започнува еден час подоцна.

Најлошо поминуваат жителите на Чаир и Топанско Поле, кои со денови немаат греење. Очекуваат Општина Чаир да ги плати средствата што ги должи кон „Скопје Север“, со што би имале греење барем неколку денови. Граѓаните по социјалните мрежи апелираат до надлежните да излезат со став што ќе биде понатаму, дали ќе се реши и надмине постојната состојба и дали конечно нивните домови ќе бидат топли.

Единствено нема реакции од скопјани кои се приклучени на системот на ЕСМ – енергетика, од каде што деновиве информираа дека снабдувањето со топлинска енергија се одвива континуирано и без проблеми.

Што ќе се случува во наредните денови кога значително ќе опаднат надворешните температури?

Според Правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од Регулативната комисија за енергетика и водни услови, во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1 степени во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили. Притоа, снабдувачот го гарантира договорениот квалитет за испорака на топлинска енергија единствено во објекти во кои внатрешната грејна инсталација е технички и функционална исправна и во кои не е нарушен енергетскиот биланс.

Во услови кога температурите се многу ниски периодот на греење може да се продолжи.

„При ниски надворешни температури на воздухот, снабдувачот може да го продолжи периодот на греење со цел заштита на енергетските објекти на системот за далечинско греење и постигнување на пропишаната температура во внатрешните простории, а притоа рационално да се однесува кон потрошувачката на енергијата“, се вели во Правилата за снабдување со топлинска енергија.

Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, кои посочија дека среде зима и среде енергетска криза, Владата мора да изнајде механизам и да им помогне на компаниите за топлинска енергија да испорачаат греење на домаќинствата и на институциите.

Во 21 век под изговор на т.н. „оптимизиран“ режим, скопјани не ја добиваат потребната топлинска енергија. И покрај покачената цена од 14 отсто, Скопје останува со ладни грејни тела. Зошто РКЕ молчи за овој проблем? Дали навистина компаниите испорачуваат топлинска енергија според Правилата за снабдување и Мрежните правила за дистрибуција на топлина? Според овие акти, во период од 6 до 22 часот во секој дом треба да се постигнува температура од 20+1 степени Целзиусови. Зошто Владата  одбира да ѝ помогне само на ЕСМ, а не на сите оние што имаат проблеми со зголемување на цените на сите енергенси, вклучувајќи го и БЕГ и Топлификација Скопје-Север? – вели Стевче Антовски, член на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Од „Адора инженеринг“ ДООЕЛ Скопје, фирмата што на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад и која, исто така, се посочува како еден од „виновниците“ за проблемите со греењето, велат дека на никаков начин не се вклучени во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во градот Скопје и немаат никакво влијание и контрола врз квалитетот на испораката.

По реакциите на граѓаните за квалитетот при испораката на топлинска енергија во градот Скопје, сакаме да ја информираме јавноста дека „Адора инженеринг“ нема никакви ингеренции и улога во производството и испораката на топлинска енергија, а со тоа и во настанатата ситуација. Впрочем, иако „Адора инженеринг“ на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад, во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е „Производство на топлина – Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје“ (БЕГ) и информираат од компанијата.

Оттаму додаваат лиценцирани компании што го снабдуваат Скопје со топлинска енергија се компаниите од групацијата „БЕГ АД Скопје“, која е единствен правен субјект што го менаџира производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во главниот град.

 

Видео на денот