Надрилекарот Иван Исцелител лекува сѐ, Обвинителството не презема ништо!

Во Јавното обвинителство прашавме зошто со години се толерира надрилекарството на Иван Исцелител и добивме одговор дека им е потребно името и презимето на човекот за да проверат дали имаат постапка против него. Од МВР велат дека во моментов против него нема никаква постапка.

Обвинителството и МВР повеќе од 10 години не преземаат мерки против надрилекарот Иван Исцелител, кој веќе изгради слика на „Божји пратеник“ и хуманитарец, дури му беше отстапуван и простор на телевизија. Денес тој на социјалните мрежи отворено промовира дека помага на пациенти со рак, тумор, цисти, мигрени, епилепсија, депресија, шизофренија, страв, зуење во ушите, вртоглавица и уште барем 50 дијагнози со кои современата медицина едвај излегува на крај.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) во два наврата му ја затворил „ординацијата“ во близина на Клиничкиот центар, а дознаваме дека тоа било мошне тензично поради насобраните пациенти кои ги колнеле инспекторите и им велеле дека „за свои пари ќе се лекуваат каде сакаат“. Станарите на уличката кај Клинички центар негодувале зашто граѓаните правеле метеж со паркираните автомобилите пред „ординацијата“. Исцелител изјави дека „полицијата го затворила, зашто сите пациенти од Клинички центар доаѓале право кај него и Клиниката била пред колапс зашто им ги преземал пациентите“.

„Ординира“ на патот од Куманово кон Крива Паланка

Дознаваме дека денес Иван Исцелител „ординира“ во близина на Кумановскиот здравствен дом, откако не му успеа да се стационира во близина на Клиничкиот центар во Скопје, блиску до илјадници пациенти и нивните беспомошни семејства.

„Во врска со надрилекарството на Иван Исцелител, ве информираме дека пред подолг временски период по добиени сознанија дека во простории лоцирани на улица Мајка Тереза во Скопје врши дејност на исцелителство, ДСЗИ Центар изврши вонреден инспекциски надзор на посочената локација и врз основа на констатираната состојба издаде решение за забрана за вршење дејност исцелителство, за која нема дозвола за работа од надлежна институција. Извесен период подоцна, ДСЗИ беше информиран дека Иван продолжил да работи на територија на Општина Куманово. По извршениот вонреден инспекциски надзор на оваа локација, повторно му беше издадено решение за забрана. Во моментот ДСЗИ нема сознанија дали Иван продолжил да работи на друга локација“, велат од Инспекторатот за „Слободен печат“.

Меѓутоа, на Фејсбук Иван Исцелител секој ден ги рекламира своите услуги и остава свој личен телефонски број, на кој кога ќе се јавите, се слушате директно со него и ви закажува термин кога да дојдете во бараката која, како што ни рече, се наоѓа на самиот патот од Куманово кон Крива Паланка. Во постовите тврди дека помага без пари, но секој пациент му остава или пари или храна, којашто потоа тој вели дека ја донира на социјално загрозени граѓани. Тој на Фејсбук во своите објави тврди дека донирал 4.401 пат, а лани тврдеше дека со своите молитви успеал да го спаси српскиот пејач Дарко Лазиќ од смрт по сообраќајката.

Институциите не реагираат по допрен глас

Во листата дијагнози за кои што Исцелител тврди дека помага се канцер, тумор, цисти, мигрена, епилепсија, депресија, шизофренија, страв, зуење во ушите, вртоглавица, крвен притисок, мозочен удар, синуси, крајници, парадентоза, тироидна жлезда, спондилоза, сколиоза, бронхитис, астма, затнување на срцеви артерии, чир на желудник, камен во жолчка, дијабетес, воспаление на црева, цисти на јајници и дојки, миоми на матка, ХПВ, хернија на желудник, мускулна дистрофија, церебрална парализа, тромбоза, проширени вени, ревма, опаѓање на косата, витилиго… Ваквата реклама на институциите на системот им е нормална и никој не реагира.

Во Јавното обвинителство прашавме зошто со години се толерира надрилекарството на Иван Исцелител и добивме одговор дека им е потребно името и презимето на човекот за да проверат дали имаат постапка против него. Од МВР велат дека во моментов против него нема никаква постапка.

Надрилекарството се санкционира според Кривичниот законик и во Законот за здравствена заштита. Во членот 209 од Кривичниот законик е пропишано дека тој што без пропишана стручна подготовка се занимава со лекување или со давање медицинска помош, ќе се казни со затвор до една година и со парична казна. Фондот за здравствено осигурување не ги признава последиците врз здравјето на граѓаните поради третман од надрилекари.

Психијатарот Мице Дудучки објаснува дека луѓето им веруваат на надрилекарите кога се во очајна состојба и кога се би направиле за своето здравје, но дека станува збор за кривично дело, кое е масовно несанкционирано во земјава. Лекарка гинеколог, со соодветно образование од Србија, годинава изврши породување во битолската болница, за што доби кривична пријава за надрилекарство, затоа што немала дозвола за работа во Македонија од Лекарската комора.

И во Џепчиште лекувале рак на кожа со недекларирани препарати

Во текот на 2018 година, ДСЗИ постапило и во случајот на Х.П. од Ресен, кој во просторија во рамките на приватна здравствена установа во селото Џепчиште, Тетово, при вонредниот инспекциски надзор, затекнат е како третира пациенти со карцином на кожа со недекларирани препарати. ДСЗИ издал забрана за вршење нерегистрирана дејност, а во однос на препаратите што ги користи, било доставено известување до МАЛМЕД.

Кривична пријава за надрилекарство лани доби З.Ѓ. (46) од Неготино. Тој од 2015 до 2019 година се претставувал како поранешно медицинско лице и се занимавал со лекување и давање медицинска помош преку продажба на т.н. лекарства за повеќе болести кај луѓето. За лекарствата, кои биле во форма на течности и кремови, наплаќал по 5.000 или 6.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот