Надлежните смируваат: Пратките од „Алиекспрес“ се безбедни

Тоа не е точно. Има некои работи кои на населението и човештвото мораме да ги спуштиме на многу базично ниво, вели Караџоски.

Кина во моментов е во центарот на вниманието, поради тоа што земјата се бори со смртоносниот коронавирус, кој веќе почнува да се шири низ целиот свет. Се појавија бројни информации за тоа дека е пронајдено решение за овој вирус, но се уште светската јавност е во исчекување тоа да се потврди.

Во јавноста деновиве се погласно се зборува за тоа дали овој вирус може да се пренесе преку нарачките од „Алиекспрес“ кои поминуваат илјадници километри.

Епидемиологот д-р Жарко Караџоски, утринава, во емисијата „Утрински брифинг“ на Слобода ТВ потенцираше дека производите кои се нарачани преку „Алиекспрес“, како стоките кои се увезуваат од Кина, не се потенцијална закана за пренесување на коронавирусот.

– Никаква пошта, никакви кинески играчки не претставуваат опасност за ширење на овој вирус во земјата. Дури и патување во Кина, која е огромна земја, не претставува толку голем ризик, затоа што провинцијата Хубеј е 56 милиони жители, а целата земја 1,4 милијарди, па не се сите под еднаков ризик. Да заклучиме, дека овој вирус се пренесува преку директен контакт со лица кои го имаат, а не преку пратки, играчки, производи и слично, затоа што истиот не може да преживее – вели д-р Караџоски.

Мијте ги рацете оној момент кога ќе се поздравувате со некого, кога ќе ви кива и кашла, односно бидете на растојание од 1,5 метар, порачува докторот.

– Тоа се доволни превентивни мерки за грип. Но состојбата со контаминацијата на нашата животна средина, заедно со контаминацијата на рацете е иста и за едното и другото – се пренесува по респираторен пат. Одредени вируси доволно е да дојдат до нашите раце, нашата кожа и слузницата на очите за да се пренесат – изјави д-р Караџоски.

Поради недоволната информираност или можеби страв, во јавноста се шират информации дека некои од оние кои имаат направено нарачки преку „Алиекспрес“, стравуваат да ги подигнат истите од шалтерите на Македонска пошта.

Екипата на „Слободен печат“ отиде во „Пошта 2“, која е дел од Новата железничка станица, со цел да види на лице место што се случува и да поразговара со вработените.

– Запознаени сме од медиумите во врска со коронавирусот. Засега кај нас не постои упатство како да постапуваме со пратките кои пристигнуваат од Кина или другите загрозени подрачја. Како што може и да забележите, луѓето доаѓаат и си ги подигнуваат нивните нарачки од „Алиекспрес“ – нѝ изјави една од вработените на шалтер во „Пошта 2“.

Во моментот на нашата посета на ова место, можевме да забележиме неколкумина граѓани, кои покрај останатите пратки, ги подигнуваат и своите нарачки од „Алиекспрес“.

– Воопшто не стравувам од коронавирусот и дека истиот може да се пренесе преку пратки, колку што знам тој се пренесува преку контакт со лице кое го има. Сепак мислам дека нарачките преку „Алиекспрес“ се безбедни, поради тоа што конкретно, мојата е порачана уште во ноември, кога вирусот се уште не постоеше – ни изјави еден од граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот