Надежта постои, но не за нас

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Она што најмногу ме јаде е што и нашите „стратегиски партнери“ и нашите „европски пријатели“ и „нашите мили соседи“ сакаат безусловно да ги сакаме, и љубовта јавно да ја манифестираме

Горниот оптимизам го позајмив од Кафка, тој ненадминат апостол на безнадежта, веројатно затоа што сфатив дека мојата имагинација со кус насловен исказ да ги доловам светлите перспективи што ни се отвораат во влажните прегратки на бугарските вратари на Европа, напросто не е дорасната на ситуацијата. Човековата психа е структурално уредена да не сака да ја осознае реалноста онаква каква што е, туку воспоставува одбранбени механизми – меѓу кои надежта лежерно ужива во престолот на најуспешната – што се сите без исклучок втемелени на желби и сакрализирани наративи што воопшто немаат врска со суровите факти на стварноста.

Но, останува нејасно дали од поголема полза ни е реалната безнадеж или нестварната надеж, нам на жителите на државниот иверок каков што е нашиов, кога наудолу ќе го понесат брзите историски води.

Во овие омарни августовски денови, кога се чини дека секоја дебата и секој умен збор, напишан или изговорен, веднаш се втопува во заглушувачката бучава на егзалтираните скрежови што во хорови ја стругаат својата љубовна песна, човек чувствува дека, како во тегобен сон, сè што очајно се обидува да каже, останува неразбрано од околината. Таа, многуглава глутница, за возврат му вреска нешто в лице, нешто што е исто така потполно неразбирливо и само го збогатува какофоничниот шум, но со истата соновна убеденост ви станува јасно дека возвратното чувство не е само несложба туку и омраза.

Очај наместо славје

И пак, си мислите, нешто мора да е многу погрешно кога македонските евроинтеграции предизвикуваат кошмарни бунила на јаве, а би требало да биде сосем обратното. Зачленувањето во Европската Унија требаше да биде процес на сензационално воздигање и еуфорија, за имплементирање на европските вредности и пристапување кон клубот на полубожествата, на пасторалните ливади на Олимп. Почетокот на преговорите за членство требаше да биде катарза на ослободување од грдотиите на минатото, а не процес во кој сме турнати насила, со уцени и понижувања, процес во кој – како во ужасен кошмар – треба да ги задоволуваме перверзните фашизоидни бугарски барања; процес од кој не смееме унилатерално да отстапиме, во кој не постојат гаранции и критериуми, туку само покој и јад.

Од друга страна, сосем смирувачки делува сознанието дека вината не е ниту до нашето, ниту до бугарското ВМРО. Нашето вемеро е природна константа, нешто како Планковата или гравитациската константа: тие секогаш го еманираат најштетното становиште за Македонија и секогаш ќе го обезбедат најглупавиот и најрасипаниот пат тоа да се оствари. Како што веќе повеќепати укажував, вемерето злодејствува како што кучињата лаат, кравите мукаат, скрежовите стругаат, а штурците свиркаат. Додека ги имаме и трпиме, ја заслужуваме секоја судбина што ќе нè снајде.

Бугарската држава е исто така природна константа околу чиешто дејствување не мора да се трошат зборови. Во сите нејзини постапки од нејзиното зачнување во 1878 година па до денес, таа ја препознава секоја историска катастрофа во регионот или континентот како шанса да упадне и да си ја врати неоправдано, брутално и непредизвикано откраднатата македонска територија и да ја присоедини кон бугарската матица.

Исто така, сосем деструктивно е човек да ја куди и грди македонската влада што пристанува на услови какви што не прифатила ниту една влада во модерната историја. Се разбира дека нема ниту трунка вина во егзекутивната власт: ако се земе предвид дека преговараат со чувство на ладниот допир од челична цевка на тилот, пристапните документи – магнетната резонанца на европската реалност – се најдоброто што можеше да се очекува. Навистина е глупаво да се серка од височина, од безбедноста на стреата на која сите клечиме, долу на улицата, на светската геополитичка врвулешница, каде што фрчат ниски удари, ками и чакии, а борците се илјадапати посилни од нас.

Тоталитаризација на Европа

Она што најмногу ме јаде е што и нашите „стратегиски партнери“ и нашите „европски пријатели“ и „нашите мили соседи“ сакаат безусловно да ги сакаме, и љубовта јавно да ја манифестираме. Во секој момент додека ни брцаат шепи длабоко во меѓуножјето, и сето време додека нè поттурнуваат со притисокот на ладниот челик врз тилот. Е, тој детаљ не можам да го проголтам!

Движењето на нашето иверче, насоката на поројот што нè носи, како и дестинацијата на која ќе бидеме исфрлени како наплавина, тоа лесно го прифаќам како појава од поголема магнитуда што се случува и врз чијшто тек не сме можеле никако да влијаеме. Но, од нас се бара „пријателите“ што ни вршат акултурација или, со други зборови, културна анихилација, да ги љубиме како ближни свои, а љубовта да не ја држиме за себе, срамежливо гувеејќи со веднати глави, туку јавно да ја манифестираме! Да се однесуваме како да сме навистина среќни, да бидеме уверливи, практично потполно и безрезервно убедени и искрени?!

Ова барање за нашата длабока и искрена љубов кон бугарските фашисти и кон европската империја што третпат за еден век нè става во смртната бугарска прегратка, е најчистиот и најнеспорниот доказ за мрачната тоталитаризација на Европа што се случува пред нашите очи веќе децении. Нашата состојба и состојбата на европските трансформации, повторно најдобро ја опишуваат зборовите на Хана Арент. Таа потенцира дека тоталитаризмот за цел го има остварувањето на фантазиите, а расцепот помеѓу митот и стварноста може да биде пополнет само со постојано залажување. „Во прв ред, (…) заради својата потполна доследност, на тоталитаризмот му е потребно да ја уништи секоја трага од она што воопштено го нарекуваме човечко достоинство. (…) Оттаму, целта на тоталитарните системи не е да го преобразат надворешниот свет или (…) да донесат општествена промена, туку да ја трансформираат самата човечка природа“.

Ќе завршам со еден конструктивен предлог. Во злогласниот Протокол, во кој е напишана нашата оловна иднина, се бара конечното отпочнување на преговорите да се случи „откако во сила ќе влезе измената на Уставот на Република Северна Македонија за вклучување на оние нејзини граѓани што живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, вклучително и уставен закон за нивно спроведување“. Бидејќи основното барање е да се вклучат практично сите граѓани на РСМ „кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи“, суштинскиот методолошки проблем е кои делови од други народи треба да влезат во Уставот. Како разрешница на оваа нерешлива апорија, предлагам граничниот број граѓани што се дел од други народи да биде бројот 60. Зошто, ќе прашате. Па, затоа што 60 е основата на сексагезималниот броев систем, најстариот на свет, познат како вавилонски систем што е наследен од најстарата цивилизација на светот, цивилизацијата на Сумерите, која овој систем го измислила уште во четвртиот милениум пред нашата ера. А сосем логично е дека на Македоња Вечна овој систем според староста и важноста единствено ѝ прилега.

Елем, според бројот на изјаснети според етничката припадност во последниот попис од 2021 година, Уставот треба да ги содржи: Македонците (1.072.299), Албанците (446.245), Турците (70.961), Ромите (46.433), Србите (23.847), Бошњаците (16.042), Власите (8.714), Торбешите (4.174), Бугарите (3.504), Египќаните (2.406), Хрватите (2.145), Муслиманите (1.187), Црногорците (1.023), Муслиманите Македонци (455), Југословените (344), Русите (303), Грците (294), Словенците (243), Украинците (166), Горанците (148), Германците (136), Романците (126), Полјаците (103), Англичаните (110), Унгарците (73), Евреите (66), Русините (63), Италијанците (63) и Ерменците (61). Уфрлувањето само на Бугарите, а не и на останатите наведени (особено оние во чиешто истребување фашистичка Бугарија непосредно учествувала) би било флагрантно кршење на светите универзални човечки права и европски вредности. Ipse dixit.

Авторот е архитект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот