Надал: Ѓоковиќ ги знаеше условите, доколку сакаше, ќе играше на „Австралија опен“

Рафаел Надал на некој начин му е жал за Новак Ѓоковиќ/Фото: EPA-EFE/JULIEN DE ROSA

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал изјави дека му е жал за Новак Ѓоковиќ, кому му беше забранет влез во Австралија, но верува дека првиот светски тенисер можел да игра на Австралија Опен „дoколку сакал“.

– Мислам дека доколку сакаше, ќе играше без проблеми овде во Австралија. Тој сам ги донесуваше одлуките и секој е слободен да одлучува, но потоа има некои последици. Секако дека не ми се допаѓа ситуацијата што се случува. На некој начин ми е жал за него. Но, во исто време ги знаеше условите уште пред многу месеци, па сам ја донесе одлуката – рече Надал по победата на подготвителниот турнир во Мелбурн.

Шпанскиот тенисер, освојувачот на 20 Грен слем титули, вели дека светот минува низ многу тешки времиња и дека многу семејства страдале во последните две години поради пандемијата на коронавирусот.

– Нормално е што луѓето овде во Австралија се многу фрустрирани од овој случај бидејќи поминаа низ многу тешки блокади и многу луѓе не можеа да се вратат дома – се зборовите на Надал, пренесува „Би-би-си“.

Ѓоковиќ и неговиот адвокатски тим поднесоа тужба против одлуката за забрана за влез во Австралија, а судот конечната одлука за депортација ќе ја донесе в понеделник.

Светскиот тенисер број еден е префрлен во хотелски карантин во Мелбурн, откако му беше забранет влез во Австралија, по бројните протести поради одлуката да му се даде медицинско ослободување од вакцинација против ковид-19 за да може да се натпреварува во Мелбурн.

Видео на денот