Над 5000 новозаболени од ковид во Србија, деновиве се очекува повеќе

Ковид клиника Србија
Ковид клиника во Србија. / Фото: ЕПА

Во централните белградски ковид амбуланти од денес има се поголеми гужви, а според епидемиолозите за 7 до 10 дена се очекува рекорден број на заразени, јави дописникот на МИА од Белград.

Ова го потврдуваат и денешните официјални податоци, каде во иминатитве 24 часа во Србија се евидентирани 5.224 новозаболени и 19 починати, за разлика од вчера кога беа евидентирани 2.765 заразени, што преставува драматичен скок на бројот на заболени со коронавирус.

И покрај предупредувањата и апелите да се почитуваат епидемиолошките мерки, се остварија сценаријата на епидемиолозите дека празниците и новогодишните забави ќе доведат до зголемување на бројот на заболени, изјави за Нова рс. Слаѓана Томиќ, лекар во амбулантата на белградскиот Здравствен дом Савски венац.

-Во првите денови од празникот имавме до 180 прегледи, а денес имаме уште поголемо зголемување, така да само утринава од 7.00 часот веќе имаме 180 прегледи. Сите имаат симптоми на респираторна инфекција – течење на носот, треска, кашлица, болки во грлото, но се до резултатите од пи-си-ар тестовите не знаеме дали е корона или некој друг вирус, изјави д-р Томиќ.

Огромен скок на бројот на новозаразени со корона вирусот може да се очекува во следните седум до десет дена, бидејќи за наплата доаѓаат организираните новогодишни прослави на плоштадите, но и прослави во ресторани, кафулиња и ски центрите, изјави командирот на воената ковид болница Карабурма, д-р Иво Удовичиќ.

Тој кажа дека бројот на заразени во новиот бран ќе се мери со нови рекорди, имајќи предвид дека се уште е во оптек делта сојот, но и омикронот, кој е многу позаразен.

-Сигурно е дека секојдневно ќе имаме огромен број новозаболени. Тоа ќе се мери со нови рекорди. Нема да има осум илјади новозаразени (рекорд во Србија во септември каде за еден ден се регистрирани 8.467 новозаразени). Тоа ќе оди многу повеќе. Единствено добра работа е што се надеваме дека омикрон вирусот ќе предизвика поблаги форми на клиничката слика – изјави за Еуроњус.рс потполковник Удовичиќ.

Тој потсети дека огромен број луѓе кои работат во странство пристигнаа во Србија, дојдени од целиот свет, а особено од Европа, каде што „гори” омикрон. На плоштадите беа организирани масовни прослави, каде антиепидемиските мерки не беа целосно почитувани, имаше десетици илјади луѓе на мал простор. Прослави имаше и во ресторани, хотели, планинските центри.

-Ова можеби ќе ни се наплати во наредните седум до десет дена.Отежителна околност за нас во споредба со другите европски земји е што не сме завршиле со делта сојот, што бројот на новозаразени од делта сојот изнесува повеќе од 1.000 дневно. Имаме голема стапката на невакцинирани во однос на Европа, вакцинирани се околу 50 отсто од вкупното население. Сето тоа ќе не чини многу. Следи зголемување на бројот на новозаразени и полни болници. Околу пет отсто од заразените завршуваат во болница, наведе Удовичиќ.

Извор: МИА

Видео на денот