Над 200 барања за социјална пензија во Прилеп

Голем е интересот за остварувањето на правото за социјална пензија во Прилеп. Повеќе од 200 прилепчани на возраст над 65 години, за околу еден месец поднеле барање за остварување на ова право, вели директорот на Центарот за социјални работи – Прилеп, Живко Силјаноски.

– Законот стапи во сила од 28 мај. Законот за сигурност на старите лица или попознат како Закон за старосна социјална пензија, и даде можност на една цела категорија лица кои претходно беа слабо работливи, или лица корисници на социјална парична помош, или активни корисници на одредено право, неспособни за работа, да се пријават да го остварат своето право на таканаречената социјална пензија. Законот важи за лица над 65 години. Тие лица имаат надеж дека иднината ќе им биде обезбедена и гарантирана. Со решенијата им обезбедуваме сигурност да земаат по 6.000 денари месечно, објасни Силјаноски.

Посочи дека има повеќе од 200 поднесени барања, но повеќе од 600 лица се заинтересирани за социјалната пензија и се проверуваат документите.

– Наше е да ги провериме документите. Тие не треба да имаат приход по друг основ, ниту имот над седум декари земја, ниту заштеда преку 70.000 денари, ниту моторно возило и друг со нив кој остварува право на пензија. Едноставно, на сите кои загубиле надеж во иднината, им создаваме можност да го остварат тоа право за прв пат, рече Силјаноски.

Дејан Чупетрески, социјален работник, нагласи дека најмногу сметаат на социјалната пензија лицата со минимално образование и оние кои немале моќмост да соберат работен стаж.

-Тоа се главно луѓе над 65 години, кои се главно со основно и без образование и во животот не можеле да бидат на пазарот на трудот и со тоа да остварат стаж. Тие луѓе главно егзистирале од работа под наем за да ги остварат своите животни потреби, рече Чупетрески.

Според надлежните од прилепскиот Центар за социјални работи, ќе се посетуваат руралните средини.

– Имаме соработка со локалните власти да посетиме одредени населени места во општина Кривогаштани, да им објасниме за остварувањето на правото на социјална пензија, вели директорот на Центарот Живко Силјаноски и додаде за десеттина дена ќе стигнат и првите решенија за социјална пензија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот