Над 1.100 учесници на втората „Трка на поезијата” утре во Струга

Најава за „Трка на поезијата“ во Струга/Фото: МИА

Повеќе од 1.100 професионалци и рекреативци од земјава и регионот утре ќе трчаат на атлетската манифестација „Трка на поезијата”, што втора година се одржува во Струга во организација на здружението „Спортски мостови”.

Годинашното издание ќе се одржува под слоганот „Трчаме – рецитираме”. Натпреварувачкиот дел како што информираа денеска на прес-конференција организаторите е на 10 километри, додека рекреативни се трките од пет километри и Детската трка.

Говорејќи за идејата за организирање ваков настан во година на пандемија претседателот на здружението „Спортски мостови”, Михајло Ристовски рече дека е горд што годинава има речиси двојно поголем интерес од лани.

– Лани организиравме една трка, која за нас беше прваче, со сите препреки и убави работи што се случуваат пред и за време на организацијата. Оставивме добро лице во градот и пред учесниците што дојдоа, кои по завршувањето на трката најавија повторно учество и за годинава. Лани имавме 650 натпреварувачи, додека годинава бројката е скоро дуплира,а односно пријавени се над 1.100 тркачи, истакна Ристовски.

Новина годинава, нагласи тој, е Детската трка, која поради пандемијата не беше организирана лани.

Директорот на 10 километарската трка Дејан Скепароски информира дека во оваа категорија пријавени се 450 учесници, кои ќе се борат за парични награди и медали.

– „Трка на поезијата” е прекрасна идеја овој убав град да унапредиме со нешто ново, а спорт и поезија да ги кренеме на повисоко ниво, рече Скепароски.

На трката од пет километри, која е од рекреативен карактер, според Маја Попоска, одговорна за нејзината организација, пријавени биле 470 натпреварувачи.

– Им посакувам на сите да си го остварат своето најдобро време и „лесни нозе”, како што знаат да кажат тркачите меѓу себе, порача Попоска.

Одговорната за организирање на Детската трка, професорката Мими Стојаноска најави дека учество ќе земат 120 дечиња на возраст од седум до 12 години.

– Ми претставува големо задоволство што годинава успеавме да организираме Детска трка на која учество ќе земат 120 дечиња од 7 до 12 години. Детските срца се најчисти , а јас се надевам дека таа чистота и убавина ќе ја преточиме во убава спортска атлетска активност. Ќе уживаат децата, но и нивните родители и сите ние, подвлече Стојаноска.

За атлетичарката Милјана Ристиќ, која прв пат е во Струга, за градот кажа дека неговата убавина и дух не се опишуваат со зборови. Изрази надеж за постигнување на најдобро време за себе, но и добар пласман.

– Лани не учествував поради други обврски, но годинава слушнав дека е рамна патека, се надевам условите ќе бидат добри. Мојата цел е што подобро време. Ќе се борам и ќе дадам се од себе да го постигнам моето најдобро време, а после целта е што подобар пласман. Излезете на улици да не бодрите, а наше е да дадеме се од себе, рече Ристиќ.

Во рамките на манифестацијата се одржа и поетски конкурс за необјавена творба на тема „Мојата трка”, а победник е песната „До целта” на Ана Стојаноска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот