Националната пливачка федерација: Во најбрзо време да ги отворите базените!

Сите пливачи ги почитуваа мерките, како примерни граѓани вежбаа во домашни услови, но тоа вежбање не може да го замени тренингот во вода, велат од федерацијата.

Националната пливачка федерација предводена од претседателот Александар Филипчев до Владата на Република Северна Македонија, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести испрати барање за пуштање на базените.

Национална пливачка федерација покрај тоа што бара да се отворат базените за пливачите поради извршување на тренажен процес, пред сè бара и поради зачувување на психофизичкото здравје на нашите спортисти чиешто е под влијание и постојан притисок со секојдневните информации за вирусот Ковид 19.

Предлог мерки за отворање на базените за пливачките клубови

Почитувани,

Со укинување на рестриктивните мерки кои произлегоа поради ситуацијата со коронавирусот и враќањето на животот во нова нормала, сакаме да Ве запознаеме со потребата од пуштање на базените во употреба и почнување на тренажниот процес на нашите пливачи.

Веруваме, знаете дека спортистите се луѓе од навика, на кои секој ден им е претходно испланиран со одредени временски сатници во кои самиот спортист вложува огромен психофизички напор.

Сите наши пливачи ги почитуваа мерките пропишани од Ваша страна за спречување на ширењето на вирусот Ковид 19 и како примерни граѓани вежбаа во домашни услови, но тоа вежбање не може да го замени тренингот во вода. Во светот веќе има неколку студии кои покажуваат дека пливањето и спортовите во вода се едни од најбезбедните.

Една многу важна работа поради која бараме отварање на базените е влијанието на медиумите, достапот на информации во врска со вирусот Ковид 19 до пливачите и начинот на кој тие го прифаќаат сето тоа.

Долготрајното отсуство од нивните секојдневни навики и отсуството од нивната „природна средина“ може да влијае на психичкото здравје на пливачите. Отсуството на обврски и однапред познат распоред, секојдневните информации во врска со коронавирусот доведуваат до анксиозност, страв и паника кај пливачите.

Неколку релевантни спортски психолози на Балканот и во Македонија излегоа со свои студии за влијанието на мерките предложени од соодветните Влади врз менталното здравје на спортистите, исто така има и голем број на студии кои го објаснуваат влијанието на рестриктивните мерки.

Таква студија е неодамна објавената во медицинското списание „The Lancet Psychiatry“ каде што наведуваат дека психолошките и социјалните ефекти на Ковид-19 се огромни и можат да влијаат на менталното здравје сега и во иднина.

Воедно апелираме да се земе во предвид и влијанието на спортот за зголемување на имунитетот на децата. Исто така Националната пливача федерација веќе изготви план и протоколи за изведување на тренинзи и веќе се изготвени списоци на пливачи кои се поделени во групи. Групите ќе влегуваат на базените според однапред договорен временски термин и ќе почитуваат насоки на движење. Поради сето горенаведено Ве замолуваме и бараме во најбрзо време да ги отворите базените

НАЦИОНАЛНА ПЛИВАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА
Претседател, Александар Филипчев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот