Национална галерија: Наградените автори ги изложија своите дела

Трите победнички проекти на авторите Роберт Јанкулоски, Викторија Попоска и Дарко Комненовиќ од пилот-програмската активност на Националната галерија од 10 декември до 10 јануари ќе бидат изложени во објектот „Мала станица“.

Националната галерија годинава распиша конкурси за зрел и млад уметник со намера авторите на победничките проекти да имаат можност да се претстават со самостојни изложби. Меѓународната стручна комисија која одлучуваше за наградите беше во состав Мишко Шуваковиќ од Србија, Арта Буњаку Агани од Косово и Роман Урањек од Словенија. Со одлука на комисијата победник во категоријата зрел уметник е Роберт Јанкулоски со фотографскиот проект „Нови пејзажи – архив на реалноста“, додека во категоријата млад уметник наградите ги добија Викторија Попоска со проектот „Сеништа“ и Дарко Комненовиќ за „Капсид i2О“.

Координатори и куратори на проектите од страна на Националната галерија се Ана Франговска, Александра Зиновски-Вилиќ и Горанчо Ѓоргиевски. Трите изложби од 10 декември се изложени во објектот „Мала станица“ и ќе може да се видат до 10 јануари 2021 година.

Во образложението за наградениот проект на фотографот Роберт Јанкулоски комисијата забележа дека „секој уметник во исто време е хроничар на времето во кое живее и многу пати е можно да се реконструира историско време преку уметнички дела. Неговото истражување за Србија, Грција и Македонија преку природата е поврзано со традицијата на теми од пејзажот и во исто време со традицијата на грдото и автентичното во современата уметност“.

Изложбата „Сеништа“ на Викторија Попоска претставува дел од проект што се однесува на сѐ поактуелната светска стратегија за зачувување на планетата Земја. Како уметница, а воедно и активистка, своето живеење таа го насочува кон наједноставниот начин, со враќање кон природата, отфрлајќи ги актуелните, современи, „тренди“ производи, по чија употреба останува огромно количество на неразградлива амбалажа, и своето творештво го насочува кон подигнување на свеста, користејќи го отпадот.

Авторот Дарко Комненовиќ е визуелен уметник кој работи во контекст на постскулпторско дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Тој работи со хибридизирани односи на просторот, перцепцијата, комуникацијата и когнитивното мапирање на визуелните ефекти. Проектот „Капсид i2О“ е пример за тековниот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на пандемијата на вирусот ковид-19.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 60, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот