Национална галерија: Миграцијата како мотив за сликање портрети на тетовскиот сликар Биљгаип Кочиште – Биге

Самостојната изложба со наслов „1441“ на тетовскиот сликар Биљгаип Кочиште – Биге ќе биде отворена на 21 септември во објектот Чифте амам при Националната галерија на РСМ. Изложбата содржи 44 дела, од кои 38 портрети и шест дела со мртва природа.

Творештвото на Биљгаип Кочиште (Тетово, 1971) главно е ориентирано кон апстрактното сликарство, но во проектот „1441“ негова инспирација е миграцијата. Авторот особено емотивно го доживува губењето на своите блиски пријатели, роднини, колеги, кои ја напуштаат својата земја со надеж дека ќе најдат подобар живот во друга.

Автопортрет – Биљгаип Кочиште – Биге

Насликаните портрети не се измислени личности, туку тоа се луѓе со кои тој ги делел своето детство, младост и сегашноста, некој од нив се заминати, а некои, пак, се подготвуваат да ја напуштат татковината. Можеби инстиктивно, на овој начин авторот сака да направи еден „албум“, во кој ќе ги зачува сите свои спомени врзани за личностите со кои имал заеднички живот.

Куратори на проектот се Љупчо Маленков, виш кустос, и Александра Зиновски Вилиќ, кустос. Изложбата „1441“ во Чифте амам ќе биде поставена до 30 септември.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 49, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот