НАЦИОНАЛИЗМОТ НА НАЈЈАКО: Мицкоски ќе ги враќа македонизмот и името

За претстојните парламентарни избори знаеме само дека партиските лидери постигнаа согласност граѓаните да излезат на гласање на 12 април наредната година, а опозицијата веќе ја загрева националистичката реторика како да е во полн ек предизборната кампања. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, минатата недела ги повика граѓаните „да тргнат во финална пресметка“, како што тоа пред 10 години го правеше со речиси истите збори неговиот претходник, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски.

Вчера, пак, отиде чекор понатаму и вети дека ќе го прати „македонизмот“ во Македонија.

– Да го вратиме македонизмот во Македонија без разлика на нашата етничка припадност и Македонија повторно да ја направиме голема –  порача од митингот во Кичево, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој појасни дека ова е третиот столб од партиската програма за парламентарниот мегдан, што го очекуваат по победата на претстојните претседателски избори. Притоа потенцираше дека кога говори за враќањето на македонизмот, не мисли само на Македонците, туку и на сите останати граѓани Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци.

– Нашата прва мисла пред да заспиеме се народот и Македонија, нашата прва мисла кога ќе се разбудиме се народот и Македонија, а вие од врхушката на власта мислите на народот само од избори на избори – рече Мицкоски.

Вчера, пак, пратеникот Антонио Милошоски во интервју за германски весник рече дека има три начини како да се врати уставното име, прашање кое стана актуелно по разочарувањето од недобивањето на датум за почеток на преговори со ЕУ. Според него, една можност е Уставниот суд да ја поништи Спогодбата со Грција, врз основа на неуспешниот референдум. Тој вели и дека пратеници кои гласале за уставните измени, тоа го направиле против нивната слободна волја, гласале за промена на името.

– Тие се соочуваа со закани за затворски казни од страна на Специјалното јавно обвинителство или судии под контрола на власта ако не гласаат за промена на Уставот. Доколку по промената на Власта најдат храброст, јавно да проговорат за тоа и се обратат до државното обвинителство, би можела да се промени атмосферата и да се девалвира тогашното двотретинско мнозинство и повторно враќање на претходниот Устав – вели Милошоски.

Во врска со овие најави, од Владата само кратко коментираат дека Договорот од Преспа е јасен и неговите одредби мора да ги почитува и едната и другата страна.

– Зачудени сме од информациите дека опозицијата сака да го компромитира членството во НАТО, бидејќи непочитувањето на Договорот од Преспа тоа ќе значи – велат од Владата.

Професорот по меѓународно право Љубомир Фрчковски, вели дека секој меѓународен договор може да се поништи согласно одредбите предвидени во него, но проценката е дека ниту една страна нема да се реши на тој чекор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот