Национализам: Прпелкање во калта и јадење политички помии

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Тоа е Балканот. Простор каде што митовите, глупавите бајки и фактите се испреплетени. Балканот, каде што етничката омраза и шовинизмот ги креираат крволочни манијаци во националните академии на науките и уметностите, во политиката и институциите, на работните места, во училниците и универзитетските амфитеатри, во кафеаните и чајџилниците, на стадионите, па дури и во градинките…

Не, не велам дека се сите партиски ангажирани ботови, кои работат за надомест од 9 до 15 илјади денари. Многумина се само заглупавени и затруени, тотално несвесни мултипликатори на црната пропаганда и национал-шовинизмот. Не смее да се занемари ни онаа гнила национал-шовинистичка толпа ментални насилници и простаци, на кои најудобно им е прпелкањето во калта и јадењето политички помии што им ги сервираат недоучени, вулгарни и алчни кускулиња во политиката.

Без амбиции да ги опфатиме сите аспекти, треба да се забележи и тоа дека етнонационализмот опстана и по половина век живот, според концептот „братство и единство“ на поранешната југословенска федерација што, патем, ја имавме во името на нашата држава до пред две години. Балканските народи ја негуваат етничката омраза уште од времето на распадот на двете најголеми империи кои го делеа Балканскиот Полуостров – Австроунгарската и Отоманската. И таа етничка омраза е длабоко всадена во сите пори на животот и во политиките што се водат во целиот регион.

Тоа е Балканот. Простор каде што митовите, глупавите бајки и фактите се испреплетени. Балканот, каде што етничката омраза и шовинизмот ги креираат крволочни манијаци во националните академии на науките и уметностите, во политиката и институциите, на работните места, во училниците и универзитетските амфитеатри, во кафеаните и чајџилниците, на стадионите, па дури и во градинките…

Социјалните мрежи се на опашката на целиот тој луд паралелен универзум, каде што секоја недоквакана будала може да ја искаже сета своја глупост и неписменост, а крволочноста на академиите и политичарите да ги преточат во сопствен завет со кој си го упропастуваат својот и животот на сите околу нив. И сонуваат некој да им даде капа и пушка за да го исполнат својот „завет“.

Најубаво им беше на режимските ѓубриња кога речиси немаше медиуми, а луѓето се плашеа дури и да шепотат, а не, пак, да зборуваат или пишуваат. Потоа настапи бавен пад на режимот, кој сѐ уште трае, благодарение на црните пари на криминалците во политиката, националистите и „разочараните“. И на нерешителноста и неспособноста, се разбира. Па така, сега имате „разочарани“ Шарени кои учествувале во револуцијата со мотиви кои ни оддалеку немале врска со барањата за слобода, правда и еднаквост, туку имале лични амбиции кои во ниеден момент не го исклучиле национал-шовинизмот. Сега веќе никој не му се плаши на режимот, а споменот на него буди гнев и решителност никогаш да не се дозволи тој да се повтори. Но тоа не е крај на приказната.

Импотенција во секој поглед

Интелектуалци, новинари, па и невладини фолиранти (израз од „Баба Зумбула“) на социјалните мрежи и во медиумите објавуваат „научно засновани факти“. Се објавуваат дури и фељтони за етничката композиција во земјава по Втората светска војна, „научни трудови“ кои своевремено се креираа за да се задоволат забеганите националистички политики на дел од тогашното федерално раководство. Други кропираат и монтираат фото и видеосодржини од ситуации што се случиле во разни делови на светот и ги „лепат“ на мултиетнички средини кај нас. Која е целта? Не мора да се биде многу паметен да се заклучи дека целта е да се продлабочат стереотипите и предрасудите и да се предизвика етничка омраза и насилство.

Зошто? Некои од суета, некои од одмазда, некои од фрустрации проектирани во „големи“ квазиисториски и квазиполитички теми, а некои се, едноставно, дел од политичко-шпионското подземје. Се разбира, препознатливи се и тие што носат фрустрации од сопствениот изглед или импотенција во секој поглед.

Подготвени во националистичките, антиевропски и неофашистички штабови, според методологијата на путиновските „маскировки“, овие пораки, како змии се провлекуваат низ секојдневието на луѓето и стануваат дел од јавното мислење, стануваат „неспорни факти“. Ретко кој сериозно и исцрпно се работи на нивна деконструкција и разобличување. Уште помалку се гледаат обидите оваа пропаганда да се осуди од јавноста.

Заштитени со меѓусебното потценување и непознавање, секое етничко трло си гради митови за „големината“ на сопствената нација и „ништожноста“ на другите. И така, се создаваат и одржуваат во живот тие паралелни светови, со митови и лаги вткаени во секоја пора од животот…

На прв поглед, во политичкиот и во јавниот дискурс се судираат различни концепции за креирањето и водењето на политиките во државата во однос на економијата, социјалните прашања, меѓународните односи… Во суштина, се работи за судир меѓу национал-шовинизмот и криминалот на една страна и прогресивниот, проевропски и мултикултурен концепт, „Едно општество за сите“, ако сакате.

Тој концепт, „Едно општество за сите“ е придобивка на прогресивните сили во земјата и произлезе од улиците на кои десетици илјади луѓе секојдневно маршираа со месеци, за да го турнат криминалниот режим. Криминалниот режим произведе насилство и поделби, а за да ги одржи, креираше антизападни вредности и политики. Дотука е сосема јасно.

Заплетот започнува со национал-шовинизмот на кој се спротивстави антинационалистичката стратегија на првата пострежимска влада, а продолжи и во вториот мандат. Тоа е најпрогресивната, но воедно и најслабата точка на официјалните политики на Северна Македонија, бидејќи потенцијалот што го разви режимската националистичка матрица е огромен. И тоа е најжестоко критикуваниот дел од владините политики, иако не секогаш директно, за да се скрие националистичката и антизападната природа на пропагандата.

Ако „Едно општество за сите“ стана владина стратегија, не значи веднаш дека е штетна и непожелна (напротив), туку дека може да биде шанса да заживееме нормално, човечки достоинствено. Се разбира, тоа е и обврска жестоко да критикуваме ако некој се обиде да го претвори тој концепт во „Едно општество за сите, ама за мојата партија најмногу“…

Од шумот што го прави националистичката багра, не стигнуваме ни прописно да ги критикуваме погрешните политики за спроведување на прогресивните концепти. Но и за тоа има решение, само е потребно да се разграничат и разберат вредностите и мотивите на спротивставените групи во политиката и во општеството.

Криминалната империја што ја изгради режимот на ВМРО-ДПМНЕ во својата основа го негува фашизмот како идеолошка основа и национал-шовинизмот како алатка за сеење страв и поделби. Јасни се позициите и причините поради кои оваа партија не може да излезе од својата деструктивна матрица. Јасно е и дека во таа партија има прогресивни елементи, па затоа „ризикот“ од осовременување и демократизирање на македонската десница, релативно успешно се „санира“ со постоењето на далеку помала, но компактна фашистичка структура која лажно се претставува како левичарска.

Тие не се патриоти

Треба еднаш засекогаш да се запечати – тие не се патриоти. Кај нив нема патриотизам, бидејќи криминалната банда знае само за национал-шовинизам и го употребува за да се одбрани од правдата.

На ова место може да се постави едно провокативно прашање: Зошто мислите дека некои веднаш ќе кажат дека овој став не е објективен и неутрален? Искрениот одговор на ова прашање е лесен и може да биде отрезнувачки. Добра вежба за мозочните клетки, завиткани во пајажината на црната пропаганда…

Крајно време е да се притисне копчето за аларм. Малкумина се занимаваат со деструктивното влијание на руската пропаганда во земјава и во регионот. Постојано се провлекуваат националистичките наративи во јавноста и стануваат дел од секојдневието на луѓето. Медиумите кои до вчера пливаа во милионски суми украдени од граѓанките и граѓаните, воспоставија лажен баланс од типот „пет минути за Евреите, но и пет минути за Хитлер“. Со тоа го отплаќаат „долгот“ кон режимот и им отстапуваат простор на криминалците и фашистите во политиката кои се заколнати непријатели на европската иднина на Северна Македонија. „Прогресивното“ граѓанско општество, медиумите, академијата и другите што го креираат јавното мислење и влијаат во креирањето на политиките, малку или воопшто не се занимаваат со моделите на деструктивно и националистичко дејствување на дел од политичките партии и нивните милитантни крила и хулигански банди.

Наместо заклучок… Срамота е кога политичките кускулиња се гордеат со бројките од поддржувачи кои се неписмени, глупави и насилни. Нема ништо достоинствено во тоа. Секој(а) што се придружува кон таа хистерија, ризикува да стане неписмен, глупав и насилен.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот