Националистички маркетинг во дозите вакцини

Рано е да се зборува за колективен имунитет, но никогаш не е доцна да се потсети дека здравството не ги препознава пациентите според националноста. Вбризгувањето на политизираната вакцина можеби ќе го спречи ковид-19, ама ќе прошири една друга, не помалку опасна зараза.

Додека земјите водат необјавена војна околу набавките на вакцини против корона-вирусот, експертите се соочени со тешкотии како вакцината да ја направат достапна во конфликтните и во сиромашните зони, или како да ги уверат милитантните исламистички групи дека не станува збор за заговор од Запад за да се стерилизираат муслиманските деца.

Западниот Балкан не би бил тоа што е да не ја политизираше – веднаш – вакцината, да не се замешаше „патриотизмот“ во здравството, создавајќи тензии кои поефикасно придонесуваат за ширење на национализмот, отколку за лекување на заразата. Бидејќи Србија, покрај Хрватска, прва доби вакцини додека другите земји во регионот чекаат, претседателот Александар Вучиќ ја искористи можноста за самопромоција. Како што за настраданите во Петриња „Тој“ испрати помош, така се обиде лично да се претстави како исцелител на Србите на Косово. Нема, се разбира, да дозволиме тие да ве вакцинираат вас, би гласела – дешифрирана – пораката што Вучиќ им ја испрати на Србите на Косово на 25 декември, најавувајќи ја  првата пратка наменета за постарите од 75 години во четири општини со српско мнозинство.

Бидејќи и Србија и Косово се членки на здравствената програма Ковакс, која ја насочува дистрибуцијата на вакцини, Приштина побара истрага за да се утврди дали лекот илегално влегол во Косово. Премиерот Хоти и еврокомесарот Оливер Вархељ изразија „загриженост“ поради дистрибуцијата на вакцината „без соодветна процедура за увоз или за донирање лекови на кои не им се знае потеклото“. Вучиќ возврати: „Тоа што тие ги контролираат административните премини, тоа не може да го сопре животот. Не праќавме топови и тенкови, туку лекови и вакцини“. Без сомнение, вешт маркетиншки потег. Како да се критикуваат хуманитарните мотиви подметнати како штит пред политичките? Потоа албанскиот премиер Еди Рама порача дека неговата земја ќе донира за Косово одредена количина вакцини, прво за здравствените работници во болниците во Приштина. Така вакцината стана симбол на националната солидарност и на прекуграничниот патриотизам. Светец-заштитник. На Белград тоа му се Србите јужно од Ибар, на Тирана Албанците на Косово.

Се побрза со политичките гестови, наспроти фактот дека Европската комисија усвои пакет од 70 милиони евра за помош на Западниот Балкан за пристап до вакцините што ги набавија земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ги и Србија и Косово. Тоа не ја спречи манифестацијата на здравствената грижа по национална линија. Во меѓувреме, српскиот министер за одбрана најави дека еден контингент вакцини ќе биде упатен во Република Српска, „ако во Србија ги има доволно“. Министерот ја отфрла идејата дека испораката може да биде негативно примена во Сараево. Тврди дека со испраќањето вакцини во РС ја помага цела БиХ, „зашто тоа значи повеќе инвестиции на територијата на БиХ, повеќе излекувани луѓе, повеќе деца кои се школуваат во најдобрите школи“.

Аферим. А, дали тогаш може да се каже дека Србија, со испраќањето вакцини на северот на Косово, сака да ги помогне Албанците во цело Косово? Да го поштеди тамошниот здравствен систем? Белград подоцна, обидувајќи се да ја поправи политичката штета, прецизираше дека вакцината што ја испраќа ќе биде достапна и за несрпскиот народ на север на Косово. Доцна. Освен за политички маркетинг, за што друго е и најавата за вакцини за Република Српска, „ако тие не успеат да ја набават“?

Ако го прифатиме концептот за меѓунационална солидарност, тоа би значело Загреб да испраќа вакцини за хрватското малцинство, Будимпешта за унгарското, Софија за бугарското… Зошто Еди Рама не би испраќал вакцини за Албанците во Прешевската Долина, а Владимир Путин на сојузниците во Република Српска? Каков хаос би бил тој. Државите имаат разни начини за да се борат за подобра положба на своите малцинства во соседството, ама доколку и вакцините се политизираат, тогаш проблемите се зголемуваат. Наместо да се труди да има што поуспешна соработка во регионот, Белград се определи за компензациони механизми: праќај за северот на Косово струја, брашно, лекови… за српски евра. Ако сето тоа е дел од проектот „српски свет“, тогаш ваквите и слични потези само ќе предизвикуваат нови неволји. Како во случајот со испраќањето вакцини за Косовска Митровица, што власта во Приштина го оцени како „грубо и флагрантно“ кршење на договорот од 2015 година, кој се однесува за царинските печати, за меѓусебното признавање на договорите и за фармацевтските сертификати. Денеска ги кршат едните, утре другите. Ништо необично што емисарот на ЕУ за Косово, Мирослав Лајчак, со жалење констатираше дека ставовите на двете страни „сѐ уште се далеку од приближување“.

До кога Србија ќе ги отплатува косовските долгови, убедувајќи се себеси дека Косово е дел од Србија само поради тоа што е на картата за временска прогноза? Косовските власти нека ги обезбедуваат своите граѓани. Ако е признат суверенитетот на приштинскиот суд, зошто не би бил и на здравството? Ги разбирам „специјалните врски“ со Република Српска, ама заштитата на Србите низ државите во регионот не се сведува на исплата, туку на државна политика која во соработка со соседите ќе обезбеди рамноправна положба на Србите како малцинство. Претседателот Вучиќ како приоритет бр. 1 за 2021 година го дефинира зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот, како и остварувањето на националните интереси. Селективната поделба на вакцините, меѓутоа, ќе донесе повеќе штета отколку корист. Политичката злоупотреба на опасната здравствена криза причинува нови тензии во односите помеѓу Белград и Приштина, утре и со Сараево. Рано е да се зборува за колективен имунитет, но никогаш не е доцна да се потсети дека здравството не ги препознава пациентите според националноста. Тоа важи и за вакцината. Кога еднаш политичарите во регионот ќе престанат да си играат со национализмите за собирање евтини поени? Вбризгувањето на политизираната вакцина можеби ќе го спречи ковид-19, ама ќе прошири една друга, не помалку опасна зараза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот