Нација препознатлива по корупција

Диана Младеновска

Според најавите на Стејт департментот и ЕУ, овој пат борбата со корупцијата нема многу да зависи од политичката волја на овдешните партии. Премногу големи интереси се испреплетени над Македонија за нештата да им бидат препуштени само на волјата на локалните моќници.

Малиот напредок на Македонија од само две места на последното мерење на индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешeнл воопшто не беше изненадување, затоа што веќе станавме препознатливи по ниската отпорност на организираниот криминал и корупцијата на највисокото ниво.

Со пласманот на 85. место меѓу 180 рангирани држави во светот, Македонија и понатаму е една од полошите земји од регионот според перцепцијата на корупција. На табелата на Транспаренси интернешeнл, која се објавува еднаш годишно, од земјите во нашето опкружување пред нас е Словенија, која се наоѓа на 41 место, Грција е 51-ва, Црна Гора 65-та, Бугарија 72-ра и Косово, кое е едно место подобро пласирано од нас. Во полоша позиција се Србија и Албанија кои го делат 101. место, а Босна и Херцеговина е на 110. место.

Изненадувачка беше леснотијата со која најповиканите во државата задолжени за борба со корупцијата со која го објаснуваа традиционално лошиот пласман на земјава на листата. Од премиерот Димитар Ковачевски, преку министерот за правда Никола Тупанчевски, па до претседателката на Комисијата за спречување корупција, сите реагираа како воопшто да не ги засега тоа што некои сосема погрешно го нарекуваат феномен, а што всушност, веќе одамна претставува трајна, длабоко вкоренета состојба во земјава.

И не само власта, туку и опозицијата ја утна реакцијата. Обвинувајќи ја Владата за политичка незрелост во однос на (не)справувањето со корупцијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски „зрело“ го занемари фактот дека и бројни негови поранешни и сегашни сопартијци имаат големи „заслуги“ за ваквите состојби. Или, како  што и самиот опиша, никако не можеме да се оттргнеме од друштвото на Суринам, Тунис и Индија.

Одредена доза на сериозност покажа лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов. Годинашново објавување на уште еден поразителен извештај за Македонија го пресретна со претставувањето на својата старо-нова иницијатива за формирање независна, департизирана, агенција за борба против организираниот криминал и високата корупција. Но тие што барем малку повнимателно ги следат состојбите, знаат дека се мали шансите некој од двата главни политички субјекти во земјава да се наведне за да ја подигне ракавицата што Трајанов им ја фрли. Доколку такво нешто се случи, како сето тоа обично завршува, доволно е да се потсетиме на несреќното искуство со таканареченото Специјално јавно обвинителство.

Во идниот, сè поизвесен партнер на Владата, Алијансата за Албанците, тоа сосема јасно го дефинираа како недостиг на политичка волја. Паралелно со сè погласните шпекулации околу новата поделба на владините ресори, веќе храбро се самопрогласија за бескомпромисни борци против корупцијата, наивно игнорирајќи го фактот дека еден од нејзините главни генератори е токму партизираноста на институциите, во кои по секоја цена сакаат да ги напикаат своите кадри.

Сведувајќи го проблемот на ниво на дневнополитички дебати, партиите уште еднаш ја вовлекоа јавноста во маѓепсаниот круг на политиката, криминалот и корупцијата, вешто заобиколувајќи го сè уште недопирливиот простор на корпоративните интереси, во кои добар дел од нив се повеќе или помалку инволвирани. Слично како и бројни носители на функции во правосудството кои, засега, крајно погрешно се поврзуваат само со политичките влијанија.

Судејќи по најавите од американскиот Стејт департмент, но и од некои институции на Европската Унија, овој пат, тоа нема многу да зависи од политичката волја на овдешните партии. Премногу големи интереси се испреплетени над Македонија и над нејзиното опкружување, наречено Балкански Регион, за нештата да им бидат препуштени само на волјата на локалните моќници.

Без претензии да се идеализираат механизмите со кои западните земји се справуваат со организираниот криминал и со високата корупција, по трите децении наизменично стагнирање и назадување на оваа бојно поле, по сè изгледа, нема друга надеж освен со помош на сојузниците да се војува и оваа битка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот