Наапани за апанажа

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

„Пролетери“ од сите партии се обединија во молкот како одговор на предлогот да се укине надоместокот за поранешни избрани и именувани функционери.

Секој предлог за укинување привилегии е добар, особено ако го растоварува буџетот и ако доаѓа во време на криза. Левица не предложи во Собранието да се укине финансирањето на партиите, но сепак побара поранешни избрани и именувани функционери да не можат да добиваат надоместок во висина на плата во траење од една година по престанокот на функцијата.

Идејата ги разбуди „пролетерите“ од сите партии да се обединат во молкот како одговор на оваа иницијатива (секоја чест на исклучоците). Дигнатите народни избраници од големите партии, се разбира, одбија со индигнација, како што и претходно машки застанаа зад колешките од пратеничките клупи Силвана Бонева и Мира Стојчевска – Дизел. Бранејќи ги нивните нечесно заработени десетици илјади евра, ги бранеа и своите привилегии за божемни патни трошоци.

„Не сум од тие покрај работата имаат и бизниси. Додека не се организирам, ќе користам апанажа“. Оваа изјава на поранешниот вицепремиер Никола Димитров, еден од тројцата од поранешната влада на Зоран Заев што побараа апанажа, е сведочење за постоењето на бизнисите што на некои им цветаат додека се на функција, макар „одбраните“ биле и општински или други чиновници кои решаваат за тендери. Само мал дел од нив подоцна, се притиснати да кажат пред судска зграда од каде им се парите на име на нивните деца – од подароци за родендени и мекици. Тие што поверуваа, знаат дека такви подароци се даваат во кеш во коверт. Панделката не е задолжителна.

Законски услов за исплата на надоместок кон вработени што „останале на улица“ е да имаат стаж најмалку девет месеци без прекин, или 12 месеци со прекин. Но ексфункционерите се поеднакви од обичните луѓе. Шестмесечниот прекин во работата во парламентот на експратеникот Петар Наумоски (по што дојде само на момент да се потпише и си замина), не беше пречка да добива апанажа кога му заврши мандатот во 2006 година. За четири години, плејмејкерот во оваа транзициска игра во Собранието се појави вкупно девет пати, иако се одржаа повеќе од 300 седници.

„Пратеничката функција е специфична и тешко се наоѓа работа ако се има предвид дека јавно се критикува од собраниска говорница“, изјавија тајно некои трибуни без грам самокритика. Можеби, но не и во Македонија, каде што партизираната држава е најголем работодавач, а конкурс за ботови е постојано отворен. Ќе се најде некако место под буџетското сонце и за „поранешните“. По казна – во јавно претпријатие што останало под партиска контрола во наизменичната нишалка на властодршците.

Во право е професорот Борче Давитковски кога вели дека што е посиромашна, помалку демократска и позаробена државата, толку поголеми се привилегиите за носителите на функции. Притоа треба да загрижи и извитопереноста на вредносниот систем штом ексфункционери – лекари и професори, се согласни цела година да не се враќаат на претходните работни места зашто платата им е помала од апанажата. Рамковниот принцип „седи дома, земај плата“ демотивира и кадри што на поинаков начин навистина можат да бидат корисни за општеството.

Познатата фраза на Џон Кенеди – „не прашувај што земјата може да стори за тебе, прашај што можеш ти да сториш за твојата земја“ во случајот е модифицирана во „ако можев јас да ѝ дадам толку на земјата, може и таа да ми врати уште една година потоа“. Типично за самобендисани, суетни, одмаздољубиви функционери. Макар и поранешни.

На контото на пратениците што се против укинување на апанажата, секој први во месецот се исплаќаат од 65.000 до 80.000 денари, во зависност од стажот и од тоа дали претседаваат со комисии. Не заостануваат ниту поранешни министри и нивни заменици. Државата во моментов се труди да спречи инфлација, се задолжува да обезбеди скапи енергенси, а на социјалните случаи им помага да ги платат сметките за струја. Сето тоа не е доволно да ја поттикне свеста и совеста во законодавното тело. Напротив, уште безобразно се жалат дека платите им биле замрзнати од 2010 година. Наапани за апанажа, што друго да се каже.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот