На Западен Балкан му недостига владеење на правото и целосна демократизација
Без владеење на правото, нема зрела држава и нема долгорочен мир, беше речено на дводневната завршна конференција на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција на ЕУ и Советот на Европа.
Напорите на властите за реформирање на судството, борбата против економскиот криминал, борбата против дискриминацијата и унапредувањето на слободата на изразување и на медиумите, како и унапредувањето на регионалната соработка, се од суштинска важност за подобрување на животот на граѓаните во земјите од Западен Балкан и od Турција, порачаа учесниците на дводневната завршна конференција на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција на ЕУ и Советот на Европа што се одржа во Будва, Црна Гора.
Заедничката програма на ЕУ и на Советот на Европа е формирана за да им помогне на земјите од Западен Балкан и на Турција да го достигнат европските стандарди во суштинските области од реформскиот процес, а во втората фаза што трае од мај 2019 до крајот на 2022 година, во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и во Турција се потрошени околу 41 милион евра. Фондот за Македонија е повеќе од 4,2 милиони евра и покрива области, какви што се борбата против корупцијата, подобрување на правосудството, реформа на затворите, унапредување на различностите и еднаквоста, како и слобода на изразување и слобода на медиумите.
Во заклучоците за Северна Македонија се наведува дека во однос на „затворските реформи“, се подготвува Стратегија за развој на казнено-поправниот систем, чија цел е затворениците и нивните семејства да се третираат во безбедна средина и со почит и достоинство.
За да се зголеми ефикасноста, квалитетот, достапноста на системот за бесплатна правна помош, во земјата се поднесени иницијативи што опфаќаат повеќе од 300.000 луѓе, особено жени и ранливи групи.
Во Македонија е отворена првата национална линија за помош што обезбедува директна помош на ЛГБТИ-заедницата, како и на нивните пријатели и членови на семејството. На телефонската линија за помош, според објавените податоци, досега имало повеќе од 150 повици за проблеми поврзани со ЛГБТИ-заедницата.
Што се однесува до слободата на изразување и слободата на медиумите, дадена е поддршка за подобрување на соработката помеѓу медиумските „актери“ и пратениците за зајакнување на одговорноста и транспарентноста на парламентарните процеси.
Во напорите за унапредување на еднаквоста и борбата против дискриминацијата, пак, Министерството за труд и социјална политика доби значајни препораки да усогласи 13 закони со Законот за превенција и заштита од дискриминација. Слично е и со борбата против корупцијата и економскиот криминал, при што амандманите на Законот за борба перење пари и финансирање тероризам се засноваа на препораките дадени од Програмата и во моментов се во собраниска процедура.
Инаку, конференцијата ја отвори министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ, според кого, на регионот на Западен Балкан му недостига целосна демократизација и владеење на правото, а без владеење на правото, нема зрела држава и нема долгорочен мир.
За генералниот директор за човекови права и владеење на правото во Советот на Европа, Христос Јакумопулос, владеењето на правото и демократијата се основните човекови права.