На врвот на безумот

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Одеднаш ги снема пенливите апологети на владата во заминување, докажувајќи дека Македонија ништо нема да загуби ако ги стави Бугарите во Уставот, демек уште тоа останало како пречка за преговорите со ЕУ и нашата преродба?!

Инициран од непочитувањето на законитоста во Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ) подолго се колебав дали да пишувам за ваквото постапување, бидејќи се присетив на едно поранешно предупредување упатено како молба од сленгот на претходното владеење да го оставам водството на пензионерите да плива по мирните води како невино милениче и приврзаниче предводено од нивно послушниче, надевајќи се дека ќе го убеди членството да гласа токму за тие непрокопсани владетели?!
Тогаш не ми беше јасно како споменатите ја најдоа конекцијата токму со раководството на СЗПМ, кое нелегитимно ја извршува таа улога, или пак не знаеја дека органите на Сојузот се незаконски поставени, со невидена изборна манипулација и уиграна калкулација при претседателската инаугурација?! Сега и да дознале за ваквата култна измама не им оди во прилог ниту на едните, ниту на другите, зашто првите ја изгубија моќта, а вторите поддршката. Но, сè уште мислат дека надежта последна умира и слушам манипулантите веќе почнале со подготовки за пософистицирано камелеонирање, ползење, лигавење и извежбано полтронирање?! Не се свесни дека тоа нема да помине кај новиот владин состав, кој мора да расчисти со багрите и во пензионерската организација! Некои зли јазици тврдат дека новото позиционирање им било засновано врз влијанието на поранешниот претседател на СЗПМ, кој посакувал повторно кандидирање на некаква функција што би ја извршувал дигитално со мануелно помагање на остатоците од неговото владеење?! Дај Боже ова да е шпекулација, зашто новата постава нема да си дозволи нова брука да распука!
Затоа моментно го ставив ад-акта ваквото размислување и се фокусирав на темите што ми се наметнаа од актуелните збиднувања. Вниманието ми го привлече молкот на новоизбраните претставници на губитниците од претседателските и парламентарните избори во Македонија. Притоа можеби веднаш требаше да го поддржам оној кариерниот дипломат што залудно си го троши времето докажувајќи колку било подобро вазалството и измеќарството за побрзо интегрирање во Европската Унија?! Му се восхитувам на паметот и на ваквите анализи кои никому не служат и ништо не помагаат во остварувањето на стратешките определби! Одеднаш ги снема и пенливите апологети на владата во заминување, докажувајќи дека Македонија ништо нема да загуби ако ги стави Бугарите во Уставот, демек уште тоа останало како пречка за преговорите со ЕУ и нашата преродба?! Нивните заложби и неаргументирани тврдења не сакам да ги спомнувам, бидејќи паднаа во вода пред фактите и тотално ги исфрлија од колосек губејќи ја довербата кај граѓаните! Толку брзо изгубија што никој не знае каде се скрија и кој пат го фатија, или повторно бараат чаре за приспособување на новото време што неминовно доаѓа!?
Не ми беше јасно и тоа зошто некои „реномирани“ колумнисти не можеа да сфатат дека залудно го бранеа владеењето на губитниците, ставајќи се во незавидна состојба?! Не знам дали беа толку во заблуда што во занесот заедно со поразените чукаа по говорницата и безумно ја привикуваа победата – „победа, победа…“ која за нивна жал и покајание не можеше ниту да се замисли?! И, што направија со тоа – ништо?! Можеби купуваа време за брзо да се трансформираат и да им намигнуваат на сегашните победници кои пак, априори не сакаат ни да слушнат за такви лигавци?!
Но, да се вратам на почетокот за да го објаснам насловот „На врвот на безумот“. Многумина ќе помислат дека безумот е токму кај овие споменатите, што навистина нема да погрешат. Сепак, не се тие единствените! Ваквата мисла ми надојде додека го прелистував мајскиот број на весникот „Пензионер плус“ и го барав насловот „На врвот од умот“ од мојата поема за Македонија, како приказ на промоцијата што беше уредно испратен до Редакцијата од редовен дописник, инаку познат новинар, поет и писател, кому досега никој не му ги оспорувал неговите пишувања?! Но зарем таму, во врвот на Сојузот има некој што може да прифати и да објави нешто толку гротескно, како „Крик на родољубието“, со патриотски мотиви и поетски вдахновенија за јакнење и чување на татковината, ако тоа не му е вградено во душата, ако не го чувствува како свое и не мисли дека авторот на поемата е виновен што им ја кажува вистината за слабостите и неправилностите во раководењето со пензионерската организација. Туку, не е првпат да им се свртува вниманието за непочитувањето на законитоста, што беше обелоденето и со изборот на претседателката во тековниот мандат?!
За таа персона што ја смисли и спроведе незаконската изборна манипулација, во истото гласило бев нападнат дека сум ја измислил таквата постапка?! Тогаш за да ѝ ја скротам суетата напишав: „Не бе, луѓе, каква манипулација, каква легализација на изборната криминализација, каква репарација и конформација, каква фотелјализација помешана со прпација од протестација?! Ништо нема од тие работи?! Ова е мое „масло“ и на некои други амбициозни и љубоморни незадоволници што не можат да дојдат на нивните места, па измислуваат нелегалност, нелегитимност и незаконитост во изборните активности…“.
Ете зошто претседателката на СЗПМ во „Пензионер плус“ забранила да се објави написот за промоцијата на мојата поема „На врвот од умот“ со 27 пеења за Македонија, што се граничи со безумието на актуелното раководство и, дај Боже, како што рече еден од промоторите, работите да тргнат токму од врвот на безумот, кон врвот на умот! Дури тогаш ќе завладее правдата и нема никој да газдува со пензионерското гласило!

(Авторот е новинар во пензија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот