На вработените во градинките во Центар платата ќе им се зголеми за 16 отсто - Слободен печат
ВестиСкопје

На вработените во градинките во Центар платата ќе им се зголеми за 16 отсто

Покачувањето на платите на целокупниот персонал во градинките, како што се наведува, е во согласност со измените и дополнувањата на Законот за заштита на деца

Советот на oпштина Центар на вчерашната седница ги изгласаа предлог-одлуките за утврдување на максималниот износ на бодот за пресметување на платите на давателите на јавни услуги и директорите во градинките на територија на oпштина Центар.

– Со овие предлог-одлуки се опфатени градинките „Кочо Рацин”, „13 Ноември” и „Раде Јовчевски – Корчагин”. Воспитувачите, негувателите, стручните соработници и директорите на овие јавни установи ќе добијат зголемување на платите за 16 отсто. Исплатата на зголемените плати почнува со исплатата на јунската плата, во текот на јули, информира Општина Центар.

Покачувањето на платите на целокупниот персонал во градинките, како што се наведува, е во согласност со измените и дополнувањата на Законот за заштита на деца, а во насока на подобрување на условите во детската заштита, унапредување на квалитетот на предучилишното образование и мотивирање на кадрите кои се грижат за децата во градинките.

На 31. седница на Советот на oпштина Центар советниците изгласаа и три предлог-одлуки што се однесуваат на меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Центар.

Со првата одлука за меѓуопштинска соработка, Град Скопје и oпштина Центар ќе почнат заедничка изработка и донесување регулациски план на Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје 2012-2022, четврт З 10 – Дебар Маало, што ќе го изработува Градот, а со финансиски средства ќе учествува и Општина Центар. Новиот регулацискиот план ќе ги регулира јавните и сообраќајните површини и паркирањето во Дебар Маало, а ќе се избрише спомен-објектот „Стара градска школа” во барок што беше предвиден да се гради на местото зад Општина Центар.

Останатите две одлуки се однесуваат на соработка во проектирање, изградба, користење, заштита и одржување на станбени и сервисни улици што се наоѓаат на територија на Општина Центар и одржување на дел од улицата „11 Октомври” (делот од ЈЗУ „Универзитетска клиника за хируршки болести” до „Порта Македонија”) и од улицата „Димитрија Чуповски” (потег од „Порта Македонија” до ТЦ „Палома Бјанка”).

На Советот е усвоена и одлуката за зголемување на финансиското учество на Општина Центар за реконструкција на коловоз на улицата „Рилски конгрес”, локалитет Тасино чешмиче и предлог-одлуката за обезбедување простор во општинските основни училишта за потребите на пинг-понгарската федерација на нашата држава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close