На тројца пратеници и министер им се заканува казна од 500 евра

Против тројца пратеници и еден министер антикорупционерите отвораат предмет поради сомнежи дека управителството во фирми, откако биле назначени на функции, го префлиле на свои блиски лица, најчесто на сопругите. Неофицијално, станува збор за пратениците Скендер Реџепи, Љупчо Пренџов, Абдула Салиу, како и министерот за земјоделие Аријанит Хоџа.

ДКСК ќе утврдува дали пратениците и министерот го прекршиле Законот за корупција и судир во интереси, особено во членот 45, кој гласи:

„Лице кое стапува на функција на избрано или именувано лице, со исклучок на лицата кои стапуваат на функција која не се извршува професионално, доколку управува со трговско друштво или установа како сопственик, e должно пред да стапи на функцијата управувањето да му го довери на друго лице или тело, освен на членови на неговото семејство, за времето на вршењето на функцијата, јавните овластувања или должности.“

Доколку се утврди одговорност, на четворицата им следуваат прекршочни пријава, со максимална казна до 500 евра.

-Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на лицето доколку пред стапувањето на вршењето на јавни овластувања како сопственик управувал со трговско друштво или установа, за време на вршењето на јавните овластувања или должности, не му го доверил управувањето на друго лице согласно со членот 45 од овој закон, се вели во Законот.

 

Видео на денот