На три недели до крајот на годината, осамна ребаланс на буџетот
Кој не искористил пари, му се одземаат износите, а листата на институции е долга. Пари ќе се даваат на Фондот за ПИОМ, како и за исполнување на разни други обврски
Предлог на одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт денеска влегува во собраниска процедура. За тоа дека ќе има пренамена на ставки, подолго време се зборуваше во јавноста, но предлог-одлуката осамна на три недели пред крајот на годината, осносно пред да се затвори оваа буџетска година.
Според експертите, не станува збор за класичен ребалан кога се менува приходната и расходната страна, туку се менуваат одделни ставки. Според предлог-одлуката, долг е списокот од каде што ќе се крати. Помалку пари ќе има за иституцијата претседател на РС Македонија, за Агенција за разузнавање, за Државен завод за ревизија, за Државна комисија за спречување на корупција, за Државна изборна комисија…. Односно, пари ќе се кратат од речиси сè што носи предзнак комисија или агенција, а главно ќе се кратат пари од резервите за капитални расходи и од набавки.
Помалку пари има и за Влада и со тоа се намалува износот за плати, за привремени вработувања, за договорни услуги, за купување на машини и опрема… Се кратат и ставките во Министерството за финансии, во Министерството за надворешни работи, во Министерството за енергетика.
Всушност, со прараспределбата се детектираат парите кои останале неискористени, а се даваат за Фондот за ПИОМ, на Железница, за подмирување на обврски по основа на Програмата за рамномерен регионален развој, за подмирување на обврски за храна на осудени лица, за надградба на информацискиот систем за човечки ресурси, за реализација на Програмата за здравствена заштита на животните, за лекови за пациенти со ретки болести, за проекти за изградба и реконструкција за водоводи, за реализација на Годишната програма за распределба и користење на средства за проекти во комуналната инфратсруктура за 2024 година, за здравствено осигурување на корисниците за социјална помош, за реконструкција, стручен надзор и изградба на полициски станици, за реконструкција и доградба на објекти на ЈЗУ, за набавка на вакцини за појава на епидемија на деца и зголемена количина на ХПВ вакцини, за обврски кон ЈЗУ за здравствени услуги за лица заболени од малигни заболувања, за набавка на инсулин, за адаптација и изградба на објекти за социјална заштита, домови за стари лица и детски градинки, за режиски трошоци за ученички и студентски домови, студентски стипендии и партиципација во студентски домови, за доспеани обврски за градежни активности за регионалните центри за стручно образование, за реализација на проекти и годишна програма во областа на културата…