На „Тик-ток“ кружи предизвик за самоубиство, родители внимавајте на своите деца

Фото: mia.mk

Интерпол превентивно ги информирала сите земји во светот, вклучително и Македонија, дека во Израел и во Русија се забележани неколку профили на социјалната мрежа „Тик-ток“, во кои корисниците се повикуваат да извршат самоубиство, да го снимаат, а потоа снимката да ја објават на мрежата.

Најчести корисници на оваа социјална мрежа се млади луѓе, тинејџери, па и деца. Министерството за внатрешни работи на Македонија апелира до родителите да внимаваат какви содржини следат нивните деца на социјалните мрежи и да го заострат степенот на контрола.

„Спорeд досегашните сознанија, вакви повици нема од профили на наша територија ниту од околните држави, но апелираме на будност и надзор, со цел да се избегнат какви било несакани случувања“ – се вели во соопштението на МВР.

Вакво известување пристигнало и во Србија, па српското МВР информира дека  ги проверува наводите.

„Со максимална претпазливост пристапуваме кон проверка на наведената или слична содржина на социјалните мрежи. Исто така, апелираме до родителите да обрнат внимание на однесувањето на нивните деца и на содржината што ја следат на социјалните мрежи“, соопшти српското МВР.
На почетокот на годинава во Србија се појави веста за самоубиството на момче, што наводно имало врска со предизвик на социјалната мрежа „Тик-ток“.

Претходно во јануари Италија ја потресе смртта на десетгодишно девојче, кое почина во предизвик на „Тик-ток“ чија цел била што подолго задржување на здивот. Италијанската полиција поднесе обвинение против 46-годишна „инфлуенсерка“, од сицилијанскиот град Сиракуза, која објавила видео во кое ги „предизвикува“ следбениците да ги покријат носот и устата со самолеплива лента, како што направила таа и уште едно лице, за да се види кој може да издржи најдолго. Полицијата оцени дека овој потег бил крајно неодговорен и опасен и против неа поведе обвинение за поттикнување самоубиство. Откако полицијата изврши претрес во станот и го одзеде компјутерот на инфлуенсерката, откриени се десетици слични видеопредизвици, кои на жената ѝ овозможиле онлајн публика од 750.000 луѓе. Во една од пораките малолетно момче ѝ вели на „инфлуенсерката“ дека е подготвено да се фрли низ балконот ако таа го поздрави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот