На странците им нема помош

Ако некогаш меѓународниот фактор мислел дека завршил работа со тоа што решил крупно, таканаречено „македонско прашање“ со тоа што дал дозвола да се изгради држава, според генералниот стратегиски план за уредување на Балканот, длабоко се излажал.

Во кругови блиски до чаршијата уште врти муабет дека странците – големите сили – по распаѓањето на СФРЈ имале некој свој интерес Македонија да постои како самостојна држава. Бидејќи ние се уште не сме докажале дека имаме некој наш, автентичен интерес од постоење независна држава – напротив – таа теза, како што одминува времето, добива на значење и станува се поточна.

Деновиве претседателот Стево Пендаровски уште еднаш потврди што правиме и што може да направиме за однапред. „ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во изминатиот период имаа средби за одредени прашања и беа непродуктивни. Ако тие средби биле неуспешни, зошто би било поинаку, ако ги свика претседателот. Не бегам од тоа, но има флоскула дека она што не може да се договори во Собранието ќе се договори на лидерска средба. Тоа би можело само ако се вклучи меѓународен фактор, инаку шансите за успех се мали“, оцени шефот на државата.

Станува повеќе од загрижувачко со колку многу поднослива леснотија се констатира – како да е нешто најнормално – дека без притисок, без надзор, без присила од меѓународниот фактор ние, сами, не можеме ништо да направиме.

Значи, ако некогаш меѓународниот фактор мислел дека завршил работа со тоа што решил крупно, таканаречено „македонско прашање“ со тоа што дал дозвола да се изгради држава, според генералниот стратегиски план за уредување на Балканот, длабоко се излажал. Нивниот домашен есап не излегува на македонскиот пазар.

Оценката дека без странците „шансите за успех се мали“ не е само на претседателот. За неа има општ консензус, нејзината точност никој и не помислува да ја оспори. Тоа покажува колку сме зрели – како општество и како држава – да поминеме на следно ниво барања и очекувања од странците. Тоа е –под итно да се вклучат и во примената, народски речено во имплементацијата на големите, принципиелни, таканаречени стратегиски планови и договори. Тоа се локални, но само навидум мали проблеми. Токму тие за нас се нерешливи – ѓаволот, нели, се крие во деталите. Ако странците и натаму навистина имаат интерес ние да имаме наша независна држава, тогаш нема зошто да бегаат од обврски, кои заеднички сме ги прифатиле.

На пример, може во соработка со САД да прифатиме план за помирување (и нашето општество е поделено), ама ајде да видиме како американската администрација ќе ги помири Груби и Меџити; може НАТО генерално да ја средува Армијата според неговите нишани, ама ајде нека го построи – или престрои, сеедно – полковник Ковачки; може Светската здравствена организација да дава препораки (денеска едни, утре други) како да се однесуваат здравствените системи, ама ајде нека влезе во Струга, како што направи во Вухан, и нека каѓе како да се однесуваме спрема доктор Асани; може УНЕСКО да препорача да се заштити Охрид од урбаната мафија, ама ајде некој фактор од организацијата нека дојде и нека сруши барем една дивоградба, па да видиме што тој ќе и остави во наследство на својата фамилија; може принципиелно и беспоговорно да ги прифатиме барањата од ЕУ за борба против корупцијата, дури и да направиме акција, ама ајде нека се најде некој стручњак што ќе го примени софтверот на Рашковски; може да тврдиме дека законот важи на цела територија, ама ајде некој нека влезе во Арачиново за да наплати данок, па да видиме дали ќе излезе… Може да набројуваме уште многу такви случаи од секојдневието, нерешливи за овој степен од развојот на нашата самостојност.

А што ќе правиме ние додека меѓународната работи во пракса? Со теорија – ќе набавуваме вакцини, ќе го решаваме спорот со Бугарија, ќе ја носиме Европа дома. Со нешто ќе се ЗАНИМАВАМЕ додека конечно не ја „решиме“ државата, која очигледно им збогтиса на сите. Тоа сами ќе го средиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот