На српските граѓани досега им се поделени 30 илјади картички за патарини

Табановце Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Патниците од Србија кои влегуваат на граничниот премин Табановце, од 15 јуни добиваат М-смарт картичка со која бесплатно ќе ги поминуваат патарините до граничниот премин „Богородица“ со Грција

Повеќе од 30 илјади картички им се поделени на српските државјани што транзитираат низ земјава за да можат бесплатно да ги поминат патарините низ овој коридор, информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој нагласи дека тоа е добар гест на пријателство и соработка и потсети дека тоа беше владина одлука како знак на благодарност за она што го направи Владата на Србија за вакцинација на македонските граѓани.

Одлуката на Владата на српските државјани да им бидат бесплатни патарините како благодарност за донациите на вакцини, почна од 15 јуни. Патниците од Србија кои влегуваат на граничниот премин Табановце, добиваат М-смарт картичка, со која бесплатно ќе ги поминуваат патарините до граничниот премин „Богородица“ со Грција.

Пред некој ден на српска фејсбук-група се појави информацијата дека некои граничари се правдале дека немаат картички за патарини! Според српската државјанка, тие се пожалиле на враќање од Грција, а граничарите на Табановце веќе знаеле за случајот.

На доделените картички има кредит од 760 денари колку што треба за поминување на Коридорот 10 во двата правци. Изработени се околу 65 илјади картички и предадени на МВР, кои ќе ги издава на „Табановце“.

Овие картички ќе може да се користат до 15 август, но ќе може да се задржат и понатаму и да се надополнуваат со кредит од најмалку 300 денари.

За изработка на М-смарт картичките, Владата издвои 2,8 милиони евра, а се очекува вкупно да бидат изработени 200 илјади.

Инаку, македонската влада се одлучи на ваков чекор откако Србија беше првата држава што ни донираше вакцини против ковид-19.

Спасовски: Ќе се унапреди едношалтерскиот граничен систем

Министерот за внатрешни работи Спасовски истакна дека според најавите, едношалтерскиот систем на границата ќе се унапредува, бидејќи договорот предвидува контрола и на македонската и на српската полиција

– Се прават анализи за да може да се воспостави правна рамка за да има само една контрола на излез и на влез. Во оваа прва фаза има подобрување, но не е она што можеме докрај да го очекуваме. Поради тоа сме со постојана комуникација со МВР на Србија за да можеме овие таканаречени негативности што се појавуваат да ги отстраниме и да имаме генерално подобар проток на лица и на стоки – изјави министерот Спасовски.

Тој информира дека за ваков проект се разговара и со другите држави од опкружувањето, со цел да можеме во рамките на овој регион да имаме подобро движење.

Министерот за внатрешни работи заедно со претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска, го посети граничниот премин Табановце во рамките на кампањата „Вози одморен“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот