На Скопје му треба зеленило, но и ослободување на заробените дрвја

заробени дрва

Граѓаните посочија безброј површини низ градот, но повторно укажаа и на проблемот со забетонираните стебла на дрвјата, за кои наведоа и прецизни локации, како, на пример, костените во должина на улица Ленинова, но и заробените дрвја на Партизанска, околу „Народна техника“.

Насекаде во Скопје недостасува зеленило, доволно е само да се прошета низ градот и да се види. И за тоа не треба идеја, туку очи. Ова е општиот став на граѓаните, кој преовладува во стотиците коментари на Фејсбук под објавата на градоначалникот Петре Шилегов, во која тој ги повика скопјани да дадат предлог за тоа каде треба да се засади ново зеленило.

„Имаш идеја или предлог каде во Скопје недостасува зеленило? Почнува сезоната на садење и нашата желба и цел е да го направиме Скопје колку што е можно побогато со вегетација. Затоа, во коментар испрати ни ги твоите идеи или предлози на кое место во градот му е потребно повеќе зеленило и придружи ни се во иницијативата да го раззелениме Скопје онака како што заслужува!“ напиша Шилегов.

Веројатно, градоначалникот не очекуваше дека ова ќе наиде на таков одзив на граѓаните и дека тие за кусо време ќе посочат многу локации низ градот каде што е потребно да се засадат дрвја, да се обнови постојната вегетација, но и повеќе грижа да се води околу наводнувањето на засаденото, особено во топлиот период што е пред нас.

Скопјани побараа да се обнови дрворедот што беше исечен на улица Манапо, кога се градеше „Сити мол“, каде што преку лето е пеколно движењето по улицата, затоа што нема ниедна сенка. Дел од нив посочија дека треба да се дополнат дрворедите на булевар Јане Сандански со нови садници на местото на исушените исечени брези кај новиот парк на раскрсницата со улица Владимир Комаров. Зеленило фали и на булеварот Партизански одреди на семафорите со Рузвелтова, каде што пред две години беше стеснета средишната жардиниера и оттогаш стои празна. Зеленило очајно ѝ е потребно на Општина Кисела Вода, а особено на УЗ „11 Октомври“ кај зградите, како и на потегот од Рампа кон Расадник, но и во должина на булеварот Трета македонска бригада во Аеродром.

И повторно, дел од коментарите беа насочени кон тоа наместо згради, да се направат паркови на местото на паркингот кај „Холидеј ин“ и на просторот кај поранешната фабрика „Треска“, каде што веќе се израснати големи дрвја.

Граѓаните посочија безброј површини низ градот, но повторно укажаа и на проблемот со забетонираните стебла на дрвјата, за кои наведоа и прецизни локации, како, на пример, костените во должина на улица Ленинова, но и заробените дрвја на Партизанска, околу „Народна техника“. Како што е познато, пред неколку години Градот и општините започнаа да ги „ослободуваат“ стеблата на дрвјата за да се спречи нивното уништување, но непознато остана зошто работата запре и на колку дрвја им се заканува опасност да изумрат поради ваквата состојба.

– Зеленило недостасува на секој ќош, на секој новоизграден нов објект (нула реализација на „препораката“ 20 отсто зеленило). Скопје не е ГТЦ и Карпош! Скопје има 10 општини, сите заслужуваат рамномерен локален развој со потребна локална инфраструктура, зеленило, пивка вода, отпадни води, чисти улици, соодветни садови за отпад – коментираше советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Светлана Колариќ.

Скопјани дадоа стотици предлози. Сега на потег е Град Скопје да ги разгледа и да ја види реалната состојба на терен. Колку од идеите и предлозите на граѓаните ќе се прифатат и ќе се реализираат, останува да се види.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот