На „Синедејс“ ќе се одржи Форум на киноприкажувачите

Во рамките на програмата на 21. „Синедејс“ на 11 јули, во горното фоаје на кино „Фросина“ во МКЦ, ќе се одржи првиот „Синедејс синема форум“. Киноприкажувачите од Балканскиот регион на форумот ќе имаат можност да ги споделат своите методи и искуства на работа, како и да се запознаат со новите трендови во индустријата.

Имајќи го предвид различниот општествен контекст на земјите од регионот, секој киноприкажувач зад своите почетоци, развој и напредок има посебна приказна. Токму затоа е многу важно претставниците од киносекторот да ги пренесат своите знаења и начини на работење, како и да ги споделат проблемите со кои се соочуваат, недостигот на компетенции и вештини во оваа област.

„Синедејс синема форум“ е еднодневен настан на кој преку модерирани дискусии ќе се стави фокусот на тоа како да се менаџира кино, кои се новите начини за да се привлече младата публика и како да се биде иновативен во секторот.

Првото издание на форумот е организирано во соработка со „Форум за разумни политики“. На форумот, покрај претставниците на македонските киноприкажувачи, говорници ќе бидат и претставниците на киноприкажувачи од Грција, Србија, Бугарија и Хрватска. Модератор на форумот ќе биде Ана Василевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 136, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот