На само неколку километри од Скопје, а без вода и канализација

Лоцирани на само неколку километри од центарот на Скопје, селата Сопиште, Горно и Долно Соње, Ракотинци и Добри Дол во летниот период често пати се случува да останат без вода или да бидат со намален притисок на водата.

За време на продолжениот викенд (2,3 и 4 август 2019 година) делови од Сопиште беа без вода дури по 12 часа. Жителите со кои ние разговаравме беа револтитрани. Ни изјавија дека редовно ги плаќаат сметките и очекуваат да имаат вода зошто им е потребна за нормално функционирање. Велат дека редовно пријавуваат во ЈП „Водовод и канализација” – Скопје или во Општина Сопиште дефекти или ако забележат некаде загуба на вода. Бараат надлежните почесто да спроведуваат контроли, да се види дали има диви приклучоци, кражба на вода и за што се користи таа.

Од ЈП „Водовод и канализација” за МИА информираат дека по пријавите од граѓаните стручна екипа излегла на терен за да се открие дефектот.

– Што се однесува за проблемот со водоснабдувањето што се јавува последните денови, стручна екипа од нашето претпријатие работеше на откривање и санирање на скриениот дефект на водоводната мрежа, односно дефектот во реверзвоарот, што со првичната дефектажа не беше видлив за стручните лица од ЈП „Водовод и канализација” – Скопје. Дефектот е саниран и сега е во ред со водоснабдувњето во Сопиште. Во овие моменти има доволно количини за водоснабдување, уверуваат од „Водовод и канализација”.

Оттаму апелираат до граѓаните рационално и разумно да ја користат водата за пиење со оглед на најавата за високите температури што претстојат.

Водоснабдувањето во Општина Сопиште 

Од Општина Сопиште за МИА изјавија дека им е блокирана сметката од МВР поради интервенција на регионалниот водоводот Патишка Река. Тврдата дека градоначалникот Стефче Трпковски двапати се јавил за да закаже средба со директорот на „Водовод и канализација” – Скопје Душко Весковски, кој во моментов не е во земјава. Средбата ќе се одржи по годишните одмори.

Од Општина Сопиште соопштија дека за проблемот со водоснабдувањето за време на продолжениот викенд добиле околу 60 поплаки од жителите. Околу 40 поплаки биле пишани, а останатите биле телефонски.

Најголемото населено место во општината, Сопиште, е приклучен на градскиот водоснабдителен систем. Во останатите села има локални водоводи, а за нив се грижи општината. Сопиште има канализација, изградена со самопридонес. За селата Ракотинци, Добри Дол, Долно и Горно Соње, од Општина Сопиште велат дека имаат подготвено проекти, но се чека средства за реализација. Останатите села во општината ќе мора да почекаат.

За жителите на Општина Сопиште водоснабдувањето е еден од најголемите проблеми. Пред пет-шест години тие излегуваа масовно и протестираа, организираа блокади. Го блокираа со денови регионалниот пат Скопје – село Соње. Тогаш изјавија дека е мачно и тешко да собираат вода во шишиња за да направат ручек. Тогаш жителите имаа вода само ноќе, со слаб притисок…

Водоснабдувањето во скопските села 

Жителите на Скопје пијат чиста и здрава вода и не треба да се грижат дали ќе ја има доволно, со кој квалитет и во кое време на денот. Вода има доволно. Оваа порака беше испратена на 22 март годинава, кога се одбележува Светскиот ден на водата.

Додека скопјани пијат чиста вода, жителити од селата и населбите што гравитираат околу Скопје генерално не се приклучени на градскиот водовод. Селата најчесто имаат свои водоводни мрежи, сами ги одржуваат или општините. Меѓу селата кои не се дел од градската мрежа се Црешево и Булачани од Општина Гази Баба, Јурумлери има свој систем под Општина Илинден, Арачиново, Катланово…

Дел од селата кои се примени во водоводната мрежа на ЈП „Водовод и канализација” се Сопиште, Ракотинци, Добри Дол, Студеничани, Батинци, Никиштани, Орман, Копаница, Љубин, Бојане, Буковиќ…

Од ЈП „Водовод и канализација” – Скопје за МИА изјавија дека онаму каде тие снабдуваат со вода генерално нема проблеми, освен во случаи кога се појавуваат дефекти што се отстрануваат. Во ситуација кога ќе се јави недостиг на вода, имаат можност да вклучат бунари кои ја надополнуваат потребата.

Надлежните постојано апелираат водата да се користи рационално, а не за полевање зелени површини,  миење улици, неисправните водомери да се поправаат во најкраток рок… Загубата на вода во водоводниот систем на Скопје изнесува околу 50 отсто, додека според европските и светски трендови и искуства отималното ниво на загуба на вода се движи меѓу 20-25 отсто. Како земја кандидат за членство во ЕУ, мораме да ги следиме овие трендови и да го достигнеме овој процент во наредните години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот