На родителите им прекипе: Ем децата не ни одат во градинка, ем да платиме за тоа?!

Фото: МИА / илустрација

Иако градинките се затворени од март, на родителите што имаат мали деца им се бара да платат паушал од 520 денари за секој последователен месец за функционирањето на овие установи кои воопшто не им пружија никаква услуга на децата, од причина што беа затворени со владина уредба за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Фактурите се солени особено за тие што имаат три деца, кои не оделе во градинка неколку месеци, па така на стартот на есента некои родители се соочуваат со цех од неколку илјади денари за услуга што воопшто не ја добиле.

Не само што градинките од почетокот на корона кризата не ги згрижуваа децата и затворија, туку и родителите што одат на работа беа принудени да бараат алтернативи за тоа кој ќе им ги чува децата и плаќаа приватни воспитувачи и негователки. Така, тие сега се изложени на двоен трошок, проблем за кој градинките немаат слух.

Околу 1000 родители досега се неформално здружени во иницијатива со која бараат на државно ниво да се донесе одлука со која нема да платат ништо зашто многу родители останаа без работа во периодот од март до јули, но и затоа што реално, не добиле никаква услуга од градинките од почетокот на пандемијата.

,,Поради состојбата со пандемијата на Ковид 19 и за да се спречи ширењето на вирусот меѓу најмладата популација, за децата до шестгодишна возраст предучилишните установи беа затворени со владина уредба а по препорака на Министерството за здравство. Додека во некои општини преку општинските совети беа донесени одлуки за ослободување на родителите од плаќање на паушалот во износ од 521 денар за режиски трошоци, поголемиот дел од родителите се дискриминирани. Иако градинките се целосно затворени, во поголем дел уште се плаќаат режиски трошоци со изговор дека тоа е правило или дека тоа е надомест за чување на местото во установата за веќе запишаното дете, дури и во услови кога нема нови уписи”, стои во петицијата.

Потписниците бараат целосно да се укине надоместокот за режиски трошоци на државно ниво зашто градинките се во полн застој а на родителите им се намалени примањата или комплетно го загубиле работното место благодарение на пандемијата.

За тие што веќе платиле паушал, родителите бараат да им се овозможи пребивање на сумата откако ќе се отворат објектите, а ако детето е во голема група да им се вратат парите. Последното барање во петицијата е откако градинките повторно ќе се отворат, на тие родители што добиле откази, да им се овозможи прием на нивните деца без потврда. Голем број од родителите откако се затворени градинките ги загубиле работните места зашто не можеле да се организираат како да го чуваат детето и сега не можат да достават потврда како нивното дете би се вратило во установата. Во некои општини, воспитувачките им се јавувале на родителите да ги ,,потсетат” дека должат пари за режиски трошоци.

-Моето дете сега ќе биде прваче и затоа сакам да го отпишам од градинка која се наоѓа во скопска општина. На благајникот на градинката му пратив мејл за да го отпишам детето заклучно со 31 март годинава и ми одговори дека не можам со тој датум туку можам да го отпишам најрано со датум 31 мај, зашто ми издавале потврда за отсуство од работа и до тогаш да си го платам долгот. Му побарав да ми даде на мејл фактури по кои ме задолжуваат, вели родителка од Скопје со која ,,Слободен печат” стапи во контакт.

Градинките пак, формално правно го имаат покриено побарувањето со правилник според кој родителот од вкупната сума од 1490 денари треба да обезбеди 35 проценти за материјални трошоци. Градинка во општина Аеродром на пример, ги повикува родителите што останале без примања да поднесат барање за остварување на правото на партиципација и доколку се исполнети условите истите ќе бидат ослободени и за минатиот период и за следните месеци во кои ќе бидат невработени. Градинките иако се затворени, подлежат на режиски трошоци, велат оттаму и тоа за струја, вода, комунална хигиена, парно, телефони интернет, трошоци кои се плаќаат без исклучок.

Пример за вакви трошоци се задолжителните систематски прегледи на вработените кои изнесуваат по 800 денари за еден вработен, санитарни прегледи на вработените кои изнесуваат 850 денари за вработен и исто така се задолжителни и се прават два пати годишно . Понатаму, градинките набавуваат хигиенски средства за одржување на општа и лична хигиена и средства за дезинфекција на вработените и просториите, се набавија бесконтатни термометри за мерење температура за сите објекти и се набави лична заштитна опрема за сите вработени од објектите.

Во некои општини како Гази Баба, Бутел, Кавадарци, родителите се ослободени од партиципација за градинки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот