На работничките во Штип не смее да им се намали платата додека седат дома

Работодавачот е должен да му исплати на работникот надоместок на плата за денови и часови колку што изнесува работната обврска на работникот на денот кога поради оправдани причини не работи, пишува во Законот за работни односи.

Поради заразените со коронавирус, шест текстилни фабрики од Штип привремено се затворени и 600 работнички седат дома. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ)  упатува апел до Општинскиот кризен штаб – Штип, до градоначалникот на Штип Благој Бочварски, како и до сите надлежни институции, при носењето одлуки за затворање на компаниите, а со цел заштита на јавното здравје, да водат сметка и за правото на соодветна заработувачка на работниците, односно тие да бидат платени и кога нема да работат, затоа што така налага законот.

ССМ потенцира дека правото на соодветна заработувачка, определено во одредбата од член 32 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, е економско право на работниците и никој не може да им го скрати спротивно на Законот и Колективниот договор.

„Според Законот за работни односи член 112 став 1, „работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога не работи од причини на страната на работодавачот“, а според точка 9 од истиот член, „работодавачот е должен да му исплати на работникот надоместок на плата за денови и часови, колку што изнесува работната обврска на работникот на денот кога заради оправдани причини не работи“, соопштува ССМ.

Од ССМ апелираат и до инспекциските служби поажурно и навремено да ги преземаат сите законски мерки за да нема кршење на работничките права.

Ампева од „Гласен текстилец“: Морав да изигрувам детектив

Од Здружението на граѓани „Гласен текстилец“, пак, се особено задоволни од соработката со инспекциските служби, кои во Штип реагирале на многу нивни дојави за отпуштени работници, за непуштање мајки со мали деца да седат дома и за слични неправилности. Но, оттаму наведуваат дека главен виновник за ширењето на болеста бил несоодветно организираниот автобуски превоз, а дека во тој дел не се реагирало.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ вели дека со месеци алармирала за овој проблем, но дека надлежните немале слух.

– Во моментов на терен се и Трудовиот и Санитарниот инспекторат. Тие влегуваат во автобусите, влегуваат во текстилните фабрики. Јас морав да изигрувам детектив, да сликам преполни автобуси и постојано јавно да алармирам дека превозот е катастрофален за да се излезе на терен – вели Ампева.

Во јуни може да се користи новиот одмор

Ампева вели дека сега, кога е направена штетата и кога текстилните работнички не по своја волја, останале дома, не смеат да останат без пари.

– Ние од почетокот алармиравме во вакви случаи платата да им остане на работниците, со тоа што како еден побезболен начин и за работниците и за работодавачите, би им се одземале денови од одморот.

Според Уредбата со законска сила за примена на Законот за работни односи во вонредна состојба, вработените во фирмите што биле погодени од мерките за заштита од ширење на вирусот, првиот дел од годишниот одмор што мора да се искористи во две недели непрекинато, треба да го искористат до 30 јуни 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот