На прагот на зимата есенските лисја уште лежат по тротоарите и патеките низ Скопје
Додека сите задолжени за јавната хигиена тврдат дека континуирано ги завршуваат овие активности, скопјани со големо внимание се движат по „исчистените“ улици плашејќи се да не се лизнат и да се повредат.
Несобрани, распаднати и изгниени лисја по тротоарите и велосипедските патеки низ Скопје, го отежнуваат движењето и на пешаците и на велосипедистите, особено онаму каде покрај булеварите има дрвореди. На прагот од зимата и зелените површини се полни со паднати пожолтени лисја, иако од „Паркови и зеленило“ постојано информираат дека ги собираат.
Во строгиот центар на Скопје, особено на улица Македонија честопати може да се види како улицата се чисти со дувалки, но така не е во другите делови на градот.
Тротоарите покрај Партизанска се полни со раскашавени лисја, тешко се оди, постојано стравувам да не се лизнам и паднам. Ги оставија лисјата вака, наместо да ги исчистеа додека беа суви, а колку што знам и тоа спаѓа во одржување јавна хигиена. Срамно е што вака се остава – реагираше во нашата редакција повозрасна жителка од населбата Тафталиџе.
Ваквата состојба ја потврди и советникот во Советот на Град Скопје, Никола Пановски, кој во гостување на една од телевизиите посочи дека нему како велосипедист голем проблем му се токму отпаднатите лисја.
Како велосипедист мене ми пречат лисјата. Не ми пречат кога се суви, но после дождовите навистина е лизгаво и за пешаци и за велосипедисти. По улиците ги нема, но на пешачките и велосипедските патеки, особено на Кејот, кај „Жабарот“ речиси да не се вози, таму лисјата се направени како кал и многу е тешко сега да се исчистат ако не се исчистиле навреме, – рече Пановски.
Деновиве од Општина Карпош информираа дека општинските комуналци во овој период континуирано работат на собирање на паднатите лисја и отпадот во деловите на општината кои се под надлежност на локалната самоуправа. Како што велат оттаму за да се постигне поголем ефект, нивната работа ја организираат координаторите од урбаните заедници, кои преку дефиниран план и програма ги менаџираат активностите.
На помош на хигиеничарите од Карпош се приклучиле и екипите од ЈП „Паркови и зеленило “, кои ги чистеле лисјата и сметот на главните сообраќајници на територијата на оваа општина. Поточно се чистеле површините на булеварите Партизански одреди, Илинден и Митрополит Теодосиј Гологанов, а во наредниве денови ќе бидат исчистени и споредните улици.
Инспекциските служби на Општината секојдневно се во контакт и заедничка координација со претставниците од ЈП „Паркови и зеленило“ како и со општинските служби за одржување на хигиената, со цел заеднички да делуваат поефикасно во насока на одржување на здравата животна средина – тврдат од Карпош.
И од претпријатието, покрај другите активности што тековно ги извршуваат, постојано информираат дека се собираат лисјата, од површините во Карпош, Чаир, Капиштец, во Бутел и во реонот на Кале и на многу други локации низ Скопје. Но, нивна обврска е да ги чистат зелените површини, а не пешачките и велосипедски патеки.
Чистењето на пешачко-велосипедските патеки е под надлежност на ЈП „Комунална хигиена“. Нашето претпријатие е одговорно само за зелените парковски и булеварски површини – одговорија од „Паркови и зеленило“ на прашањето зошто не се чистат лисјата паднати од дрвјата од пешачките патеки покрај улиците и булеварите за кои тие надлежни.
Од „Комунална хигиена“ пак тврдат дека редовно се чистат тротоарите.
Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ секојдневно реализираат активности за одржување на хигиената на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини. Во рамките на овие активности, согласно потребите на терен и временските услови, се реализира рачно и машинско метење, како и отстранување на паднатите лисја, со цел – непречено одвивање на сообраќајот и движење на пешаците по јавните и сообраќајните површини – велат од претпријатието.
И додека сите се фалат дека редовно ја завршуваат работата, граѓаните со големо внимание се движат по „исчистените“ улици плашејќи се да не се лизнат, па да паднат и да се повредат. Веќе се навикнати дека во Скопје тоа што го кажуваат надлежните, ретко се потврдува на терен.