НА ПОВИДОК НОВИ МЕРКИ ВО БРИТАНИЈА: Можно е ограничување на излегувањето од дома на еднаш неделно

Ковид-19 Велика Британија
Ковид-19 Велика Британија / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Додека во Велика Британија се забрзува темпото за масовна имунизација на населението, главниот медицински советник на британската влада Кристофер Вити, денеска предупреди дека претстојат најлошите недели од пандемијата со вирусот, бидејќи новиот, позаразен вид на вирусот, незапирливо се шири, а бројот на новозаразени и починати секојдневно расте, поради што здравствениот систем е под голем притиок.

-Во наредните неколку недели ќе биде најлошо кога станува збор за бројот на новоинфицирани. Пред да започне да се чувствува ефектот од вакцинацијата, навистина мораме да ги зголемиме напорите и да го спречиме ширењето на болеста – порача Вити, а пренесува „Ројтерс“.

Бројот на починати од ковид-19 во Велика Британија надмина 81.000 пациенти, а досега повеќе од три милиони луѓе се тестираа позитивни на вирусот.

Новиот, позаразен вид на коронавирусот брзо се шири помеѓу популацијата, а во некои делови од Лондон позитивен е секој 20-ти човек, додека професорот Вити за „Би-Би-Си“, пресупредува дека ситуацијата е „застрашувачка“.

-Имунизацијата навистина се забрзува, вакцинираме по 200.000 луѓе на ден – изјави британскиот министер задолжен за вакцинација Надим Захави, во интервју за „Скај Њуз“.

Нови мерки

Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа одржал средба со колеги од кабинетот да разговараат за уште построги епидемиолошки мерки во борбата со коронавирусот. Како што дознава „Дејли Мејл“, на средбата се дискутирало за задолжително носење маски на отворено, забрана за социјални дружби, односно ограничување на вежбањето.

„Даунинг Стрит“ одби да ги коментира овие шпекулации, туку се повикаа на недоречената изјава од порано на министерот за здравство Мет Хенкок. Тој одби да коментира дали ќе се воведат потроги мерки, а наместо тоа порача дека граѓаните треба да ги почитуваат постоечките.

Еден извор за „Дејли Мејл“ открива дека на синоќашниот состанок се разговарало и за тоа на луѓето да им се забрани излегувањето од дома повеќе од еднаш неделно.

Фото: EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA

Според актуелните мерки, Британците можат да вежбаат само со една личност од домаќинството или од приватното друштво. Но, владини извори велат дека правилото се користи како изговор за луѓето да уживаат во пиење на кафе во парковите со пријателите.

Британија вчера потврди 573 смртни случаи од ковид, што е најголем пораст на смртни случаи уште од април.

Речиси 55.000 нови случаи од заразата се потврдени вчера, што е вкупно 13-ти ден по ред во кој се потврдени над 50.000 нови позитивни случаи.

Властите се загрижени поради тоа што во текот на викендот се забележани групи на граѓани кои масовно се собираат по градските паркови и плажи ширум земјата, и покрај барањата на премиерот да останат дома и да помогнат во контролата при спречување на ширењето на мутираната варијанта на коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот