На општините им е поважен бизнисот од УНЕСКО статусот

Хотели Охрид/Фото: Охрид СОС

Во ситуација кога уште не е решен статусот со хотел Лагадин ние правиме нов, независно какви документи има. Околу овој случај сите се чудат, нема јавност во документацијата, а дополнително, по се изгледа, дозволата за градење е со истечен рок, оти била издадена во 2018 година, а посетата на реактивната мисија на УНЕСКО беше во 2017 година. 

Изградбата се коси со препораките на УНЕСКО за Охрид

Не може да се дозволи во 2018 година да се носат урбанистички планови и да се издаваат дозволи кога година претходно мисијата децидно кажа „се стопира секоја урбана и крајбрежна трансформација“, вели Зоран Павлов, претседател на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион во врска со случајот со ресторанот Парк на охридското крајбрежје. Ова е многу лош сигнал, додава Павлов.

Критикувајќи го ставот на градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски по повод случајот Парк, Павлов вели дека сето ова  доаѓа во време кога и Владата донесе неколку одлуки и препораки до општините да се усогласат старите плански документи, да се стопира урбанизацијата, да се донесе мораториум итн, но очигледно на некои општини поважен им е бизнисот отколку УНЕСКО статусот.

„Ако локалната самоуправа не е заинтересирана да се одржи тој статус можеби е време државата да превземе поостри мерки па и да одземе ингеренции оти очекувам дека и во иднина ќе се јавуваат инвеститори кои ќе се повикуваат на стари урбанистички планови, додека општините не се решат да ги ревидираат во насока на препораките на УНЕСКО, што за мене е поразително што досега, после четири години не е сторено. Да се случеше стриктен мораториум ова немаше да се случува ама очигледно намерно бил оставен вакуум период за да се истераат вакви работи“, дециден е Павлов.

Комисијата со која тој претседава и која трпи бројни критики поради неактивноста и неефикасноста во координирањето на институциите кои треба да се грижат за заштитата на Охрид, не функционира поради истечениот мандат, но нови членови се уште не се назначени од Владата.

Павлов тврди – недопустливо да се прави било што такво какво што е уривањето на ресторанот Парк и негово претворање во хотел со голем габарит на само 50 метри од езерскиот брег, кога сме ионака, како што тој вели, на тенок мраз со статусот на УНЕСКО.

Неговиот став е идентичен со ставот на министерката за култура Ирена Стефоска, која за „Слободен печат“ изјави дека го осудува непочитувањето на препораките на реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и дека Министерството за култура и Комисијата не биле воопшто консултирани околу уривањето на наградуваниот објект на ресторан Парк и градбата на хотел.

“Има начин да се реши проблемот со прекумерната урбанизација, но мора да сме свесни дека тоа ќе има одредени финансиски импликации. Културното и природното наследство е скапа работа, оној кој сака да живее во нешто што е од светско значење, треба да плати, па така и ние треба да дадеме повеќе пари за заштитата на Охридскиот регион. Без оглед што платил инвеститорот веројатно има механизам тоа да се запре и да се обештети инвеститорот но да се сочува пределот и објектот кој е архитектонско наследство. На седницата на Советот на Општина Охрид каде е донесена одлуката за ДУП за таа парцела, била донесена одлука и за соседната, што укажува дека се работело на окрупнување на градежната парцела. Овој случај треба убаво да се разгледа, да се види што е позадината, а не само да се каже-завршена работа и толку. Ако е така, да дозволиме кој што сака да прави и да дигнеме раце од целиот регион!

Еко-активистите минатата недела алармираа дека се подготвува изградба на нов хотел на самиот брег на Охридското езеро, во непосредна близина на хотел Горица и на Студенчишко блато, на што предупредија еколошки активисти од Охрид СОС. Објектот на ресторанот е во првата зона односно појасот од 50 метри од КП Охридско Езеро, каде, според Планот за управување со светското природно у културно наследство на Охридскиот Регион е забранета надградба или доградба на постоечките објекти и изградба на нови. Овој објект е дело на познатиот охридски архитект Павел Балабанов, кој за него го добива специјалното признание на Биеналето на Македонската архитектура за 1989 година дел од охридското архитектонско наследство на XX век.

Охридскиот градоначалник  Георгиевски за случајот изјави дека целата работа е завршена и дека е доцна за реакции, како и тоа дека од правен аспект немало ништо спорно, објектот е приватна сопственост, новата градба е во согласност со подоцна донесениот План за управување со Охридскиот регион, платени се 47 милиони денари комуналии за објектот, спорно било само поткровјето.

Во врска со хотелот кај Студенчишко Блато, како и тој кај Биљанини извори и други – не ви се воопшто врзани рацете поради дозволите кои ги дала претходната власт, ги потсетија Владата, претседателот на државата и надлежните институции од граѓанската еколошка организација Фронт 21/42.

-Дел од Вас учествуваат во Комисијата за управување со Охридскиот Регион, а и за тие кои не се дел од ова тело, Законот за управување со Охридскиот Регион (чл. 11) и наметнува обврска на Комисијата да ги разгледа сите барања за мерки за подобрување на состојбата, добиени од органите на државната или локалната власт, како и обврска да ги вклучи во управувањето документите на органите на Конвенцијата (значи Одлуките, односно Препораките). Се што треба е загриженоста и определеноста за зачувување на статусот на УНЕСКО да ги преточите во барање за мерки до Комисијата, се вели во писмената реакција на Фронт 21/42.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот