
На Мијалков му застаре делото, а Јанкулоска е ослободена за уништувањето на системите за прислушување
На поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков му застаре делото, а поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е ослободена за уништувањето на системите за следење во случајот „Тврдина“, случај за којшто денеска беше соопштена пресудата.
Препорачано
Судијата Илија Трпков за виновни ги прогласи поранешните разузнавачи во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои избегаа од Македонија во Грција, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и Валентина Симоновска за уништувањето на системите со кои се прислушуваа илјадници граѓани, стопанственици, политичари и новинари.
Груевски за три кривични дела е осуден на 14 години и шест месеци затворска казна, Јакимовски за две кривични дела е осуден на три години затвор, Бошкоски е осуден на девет години и десет месеци, а Валентина Симоновска доби условна казна.
Јанкулоска е ослободена бидејќи, како што кажа судијата, обвинителот не докажал надвор од разумно сомневање дека го сторила кривичното дело за кое се товареше.
„Тврдина“ беше дел од предметот „Таргет-Тврдина“, односно дел од предметот за масовното прислушување кој застаре со измените на Кривичниот законик изгласани во септември 2023 година. Судијата Трпков овие измени ги нарече „упад во судството“.
-Не ми е јасно како по толку години демократија, политичарите не разбраа дека секој упад во судството не носи ништо добро ниту за нив ниту за граѓаните – рече Трпков.