На Мечкин Камен се чекаат вакцините од Бугарија

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Македонија сега чека вакцини од Бугарија, слично како што и илинденците попусто чекале поддршка од бугарската војска во 1903 година. Немам ништо против бугарската помош, мислам на вакцините, но постои оправдано сомневање дека тие нема да стигнат набргу.

Вакцини во Македонија ќе стигнат во март или нешто порано, кога поголемиот дел од Европа, а и светот, веќе ќе заврши со имунизацијата, велат добро известените извори за повеќе медиуми.

Секако дека паралелата е смешна, но мене ова задоцнето вакцинирање на Македонците ми наликува на состојбите на Балканот од 19 век, кога соседите се ослободуваат од Османлиското ропство за потоа осилени да удрат на аскерот во сè уште поробената Македонија. Грција и Бугарија како членки на Европската Унија вакцините ги добија како и другите земји од „обединетото европско семејство“, додека Србија тоа го направи на „обиколен“ начин. Како? Не знам, но според достапните информации, до средината на јануари во Белград ќе пристигнат повеќе од 100 илјади вакцини на „Фајзер“, а потоа се очекува поголема пратка (околу милион дози) и од другите производители.

Во нашата земја сѐ уште чекаме на мострата, на онаа прва пратка, која производителот вообичаено ја праќа до потенцијалните муштерии. Во стилот – ако купите 10 до први, следува изненадување. Или, ако се јавите во наредните 30 минути на подарок ќе добиете миксер. И, се разбира, тоа не е сѐ: најсреќните купувачи имаат можност да конкурираат за наградно летување во Саранда за две лица! Сепак, ништо од тоа.

Претседателот Стево Пендаровски изјави дека од „Фајзер“ не биле заинтересирани за мали пазари како нашиот.

Разговорот со нив иде вака. „Тие нè прашуваат колку ви се потребни, ние им кажуваме 1,5 максимум до 2 милиона дози, а тие велат дека ние сме мал пазар за нив. Можеби ќе дојдете на ред понатаму, кога ќе ги снабдиме големите консументи“, раскажува резигнирано претседателот, очигледно разочаран од фактот дека фармацијата се води од принципите на слободната трговија.

Но, од друга страна, тешко е да се поверува дека во овој период било невозможно да се добијат десет, дваесет или сто илјади дози со кои ќе се имунизира медицинскиот персонал, полицијата, вработените во шалтерските јавни служби, банкарските службеници, а веројатно би имало доволно и за вработените по продавниците. Или можеби прво треба да се вакцинираат сениорите и лицата кои се во критичните групи? Не знам, таа одлука ќе ја донесат надлежните органи. Но, во моментов е глупаво да се дебатира за тоа, бидејќи вакцини нема, а нема да ги има ниту во наредните три месеци, што лично го сметам за потфрлање на други надлежни органи.

Македонија сега чека вакцини од Бугарија, слично како што и илинденците попусто чекале поддршка од бугарската војска во 1903 година. Лично немам ништо против бугарската помош, мислам на вакцините, но постои оправдано сомневање дека тие нема да стигнат набргу. Крушевскиот Мечкин Камен сега е преселен во здравствениот систем на Македонија, каде што со „црешови топчиња“ се пука по објективно посилниот непријател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот