На маките на жените од Шуто Оризари им нема крај: Се најде гинеколог, сега нема ехо апарат

Од 22 јануари 2020 година до сега гинеколошката амбуланта во Шуто Оризари стои заклучена. Тоа става во опасност околу 13.000 жени од општината кои се во репродуктивен период, а кои поради немањето матичен гинеколог не се во можност редовно да ги извршуваат потребните гинеколошки прегледи.

Овој проблем во општината се провлекува со години, но повторно се актуелизираше откако докторката Вјолца Мбијара која пред четири години беше назначена од Министерството за здравство, лани одлучи ординацијата да ја пресели во Ченто и покрај субвенциите кои ги добиваше од државата.

Салија Бекир Халим од Иницијатива на жени од Шуто Оризари, во изјава за „Слободен печат“ вели дека проблемот со наоѓање гинеколог е делумно решен, откако доктор Божидар Бошковски прифатил да отвори гинеколошка амбуланта во Општината, но сега проблем е апаратурата.

– На маките на жените Ромки од Шуто Оризари им нема крај. Сега кога доктор Божидар Бошковски се пријави на јавниот оглас и одлучено е тој да започне со работа во амбулантата, ја нема потребната апаратура за да може да функционира гинеколошката ординација. Министерството за здравство се обврза да го набави ехо апаратот. Според нашите сознанија тендерот е завршен и се чека на набавка на ехо апартот кој ќе биде даден на користење. Докторот нема да биде вработен во Министерството, туку ќе остварува приход од Фондот за здравствено осигурување по основ на капитација, објаснува Халим.

Доктор Бошковски ќе прима пациентки во реновирана ординација која општината ја опремила за таа намена, а покрај тоа обебедила и плата за медицинската сестра.

Дали пациентките од Шуто Оризари можат да очекуваат дека наскоро ќе биде обезбедена потребната апратура, прашавме во Министерството за здравство, од каде добивме краток одговор дека јавната набавка за медицинска опрема е во тек на евалуација.

За гинеколошката ординација Шуто Оризари има две набавки. Првата набавка е за опрема и инвентар и истата е завршена и потпишани се договорите. Втората набавка е за медицинска опрема, која е во тек на евалуација. По завршувањето на целата набавка ќе бидете известени, велат од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот