На лице со мултиплекст склероза му ги фрлиле документите за регистрација в лице

Граѓанин кој боледува од мултиплекс склероза и има одредена попреченост а поради која во исто време според Законот за јавните патишта му е овозможено да биде ослободен од плаќање одредени надоместоци при регистрација на возило, завчера на станицата за технички прегледи Аутомакедонија во скопската населба Автокоманда, не му било дозволено да си го регистрира автомобилот. Образложението од полицискиот службеник кој работел на шалетерот на МВР било не соодветно соопштено, односно му било речено дека тој не ги поседува сите документи за неговата болест и поради тоа нема да може да го регистрира своето возило. Нашиот соговорник за „Слободен печат“ вели дека тој е изненаден за  недоличното однесување на шалтерскиот работник и случајот веќе го пријавил во МВР.

– Јас со години боледувам од сериозна болест, поточно имам мултиплекс склероза. Веќе неколку децении отакако ми беше дијагностициран здравствениот проблем го регистрирам моето возило без проблем со документите кои ги поседувам за мојата здравствена состојба, односно сум ослободен од одредени надоместоци според Законот за јавните патишта. Завчера ваквата пракса ми беше спречена, односно иако ги поседував сите документи за регистрација на моето возило не ми беше удрен печатот од службеничката која работи во станицата за технички прегледи Аутомакедонија во Автокоманда. Кратко ми рече ги немаш документите, ти фали потврда, не знам дали имаш ваква болес и нема да ти удрам печат во сообраќајната – вели скопјанецот А.А. за „Слободен печат“ кој појаснува дека работничката практично му ги фрлила документите в лице.

Нашиот соговорник кој е видно потресен и вознемирен од завчерашниот настан и во исто време не може да го користи своето возило бидејќи останал без регистрација на истото а поради тоа стравува и за неговото здравје, вели дека дрскоста на полицискиот службеник на шалтерот во Аутомакедонија кон него дополнително го растревожила.

– Службеничката која мислам дека се викаше Милица ми побараа документи дополнителни за таа да го удри печатот на мојата сообраќајна дозвола. Кога ја запрашав кои, дрско ми одговори ти знаеш кои ти фалат овде. Збунет, веднаш отидов и ја донесов целосната здравствена документација која ја поседувам, дури и нова потврда од матичен лекар дека имам мултиплекст склероза. Сепак и по тоа и разговорот со неа, не ми беше дозволено ниту да бидам ослободен од давачката ниту да си го регистрирам возилото – објаснува скопјанецот А.А.

„Слободен печат“ се обрати до Министерството за внатрешни работи и побара објаснување зошто најпрво граѓанинот не бил ослободен од давачките од службеничката кои според Закон му се дозволени но и зошто не му било дадено подоцна да си го регистрира автомобилот и покрај тоа што тој изразил желба да ги плати надоместоците за пат. Од МВР ни одговорија дека Одделот за внатрешна контрола секогаш постапува по сите пријави на граѓани, како организациска единица во Министерството надлежна за испитување на случаи на незаконито, непрофесионално и неетичко постапување на вработените во МВР.

– Одделот при МВР секогаш врши проверки, ги испитува наводите во претставките од граѓаните и доколку се констатира одговорност кај полицискиот службеник, случајот се документира и процесуира. МВР е посветено на давање на најдобри услуги на граѓаните, а доколку се утврди случај на несоодветно постапување тој соодветно ќе биде санкциониран – велат од МВР, при тоа не прецизирајќи дали е постапено кон посочената службеничка.

МВР во одговорот до „Слободен печат“ велат дека лицата со попреченост меѓу кои и оние со мултиплекс склероза имаат поволности согласно Законот за јавните патишта.

– Според член 65 од Законот за јавни патишта од плаќање на надоместок за употреба на јавните патишта (патна такса) се ослободуваат возилата на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, детска парализа (полиомиелитис), слепите лица со оштетување на видот над 90% лица и други граѓани кои имаат попречаност. Она што е важно за овие граѓани при регистрацијата на возилото секогаш да ги понесат потребните документи за потврда на нивната здравствена состојба и во таа насока секогаш ќе им биде излезено во пресрет на нивните права кои ги поседуваат – велат од МВР.

Инаку, ова не е прв пат полициски службеник да реагира непристојно кон лица со попреченост. Тргнувајќи од значењето на општата мобилност кај лицата со попреченост, Законот за јавните патишта овозможува ослободување од плаќање одредени надоместоци за лицата кои имаат специфичен вид на попречености. Па така, возилата на лицата на овие лица, се ослободени од плаќање на надоместок за употреба на јавните патишта (патна такса) кој е дел од надоместоците кои се плаќаат при годишната регистрација на возилата. За да ја го остварат ова право потребно е при регистрација на сопственото возило во станиците за технички преглед да достават на увид документација за здравственета состојба / видот на попреченост (наод и мислење, лекарски извештај каде е видливо наведена дијагноза Г35).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот