На лаѓите им се кратки нозете

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Враќање кон нормалноста е сè уште неостварениот сон во услови кога пандемиско јаве се црните статистики, неподносливо долгата ненормалност, неизвесноста од учинокот на вакцините, доцнењето на имунизацијата… Само најбогатите земји со висок процент на вакцинирана популација ја имаат честа да бидат меѓу првите што му се радуваат на животот каков што го паметат од пред повеќе од година и пол, но сепак со доза на страв од нови, пострашни мутации. Засега само прва доза.

Секое враќање кон нормалноста надвор од овие пандемиски теми, макар и фрагментарно, охрабрува дека има надеж и за нас. Како такво враќање кон природното течение на животот го доживеав чистењето на Кејот на Вардар, нераскинливата врска на реката со скопјани, тој крајбрежен крвоток, направен за да нè заштити од потоп и да нè доближи до природата. Многу пречки имаше на таа пешачка патека, длабоки беа корењата за чистење, насобран беше троскотот, камената ограда на коритото почна да попушта под налетот на градежната офанзива. Но штом еднаш паднат тарабите на режимот, тој привид што сакаа да ни го всадат во главите дека вечно нешто се гради, без оглед дали е тоа „трошење на чоколади кога нема за леб“, тогаш лесно се отстранува и урбаната опрема, попозната под името летни тераси, двојни сообраќајници наместо шеталиште, утре и постамент за 30-метарски споменик „насаден“ среде улица.

Она што претстои, како што е најавено, е демонтирање на галиите што би бил (ако некогаш воопшто заврши тој скап, сложен и бавен процес) вистинскиот почеток на деконструкцијата на „Скопје 2014“, како и да се одвива таа во иднина – со уривање, дислокација, реконструкција или ново фасадирање. Тешко почна со рушењето на споменикот на Ќосето, запре во меѓувреме за да се расчистат правните дилеми и – застана. Спроти локалните избори, сепак, мораше да се испорача нешто од ветувањата, макар и привид, наречен „вадење движни ствари“ (Петре Шилегов) од галијата кај хотелот „Холидеј ин“.

Многу поважна е симболиката на чинот – дека на лаѓите, длабоко вкотвени во болните умови, „им се кратки нозете“. Неколкуте тони бетон и железо, маскирани со дрво, подметнати како лага во обланда на атракција за девизен прилив, не заживеаја меѓу туристите, а камоли меѓу скопјани, иако некој мислеше дека ако се качиме во таа флота од три брода со капетан без кормило, ќе тргнеме по Вардар кон Грција за „наше да биде и Солунско Поле“.

Главниот „архитект“ на „Скопје 2014“, Никола Груевски, само еднаш влезе во реката со гумени чизми за пред камери да го чисти коритото на Вардар, а во исто време во тајните одаи на партијата црташе проекции на злочинот, всушност финансиско-урбанистички-архитектонски терор со долгорочни нус-појави. Од историјата направи алатка за перење мозок заради освојување власт, а во исто време националното археолошко и друго богатство опасно го приближи до вардаровите подземни води. Со неприродни мостови го покри погледот кон симболот на Скопје од памтивек – Камениот мост, но за среќа не го доврши милионското панорамско тркало како несуден видиковец кон кичот – кон бистите удавени во река, фонтанитге што прскаа бактерии, жалните врби од непрежалени 240 илјади евра…

Денес, бегалецот од задграничниот хотел во Будимпешта не може да се помири дека е демаскирана таа лага, па се обидува да остане политички жив со памфлети на социјалните мрежи, испратени од засолништето што му го обезбеди Виктор Орбан. Последен од тие фејсбук-статуси му беше тој дека нема сопственост за да може да му ја запленат. Жал да ти падне колку е сиромав. Веројатно уште живее од донации, оние истите за партијата за кои се води судски процес.

Злото од тоа време е длабоко втемелено во нашите институции, во бизнисот, во читанките и учебниците… Бавното враќање на правото и правдата поради почитувањето на процедурите и законот е една од главните причини за незадоволство кај граѓаните. Фрустрацијата од пандемијата ја зголемува таа нетрпеливост, иако примери за неселективна правда гледаме сè почесто. Чекаме на ред за масовна имунизација со првата доза за враќање на довербата. Можеби ќе треба и трета доза, па и сезонско вакцинирање за ендемската болест што нè изолираше од светот цела деценија, но нормалноста ќе се врати, кога-тогаш. Само ако создадеме имунитет кон секоја мутација на вирусот со генеричко име политичка злоупотреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот