На Косово се гине

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Вучиќ ја изгуби контролата врз милитантните националисти од Српска листа, кои до вчера ги фалеше како херои.

Од бриселската дипломатска сцена на која лидерите на Белград и на Приштина разменуваа баражи на меѓусебни навреди и средбата ја завршија со колапс, косовската криза за само една недела се префрли на теренот, на кој се разменуваше бојна муниција. Досега двете страни се обвинуваа за минирање на дијалогот, а сега и едните и другите ги бројат мртвите. Не како во Арачиново во 2001 година, но се гине.
Албански припадник на косовските сили за безбедност е убиен, а двајца се ранети среде ноќ во судир со засега неидентификувана група Срби, кои со камиони се обидоа да го блокираат патот кај селото Бањска.

Во оружениот судир, „еден од најтешките денови за нашиот народ и нашата земја (погромот на Србите) од 2004 година и (прогласувањето на косовската независност) од 2008 година“, како што настаните ги опиша Александар Вучиќ, убиени се тројца напаѓачи. Кај шестемина уапсени се пронајдени радиоврски и големо количество оружје.

Оружениот судир на северот на Косово е најтешкиот во изминатите пет месеци, кога дојде до судир помеѓу Срби и припадници на косовските безбедносни институции во градовите во кои се поставени албански градоначалници по бојкотот на локалните избори. За време на насилните демонстрации во Звечан на 26 мај беа повредени 50 Срби и 30 припадници на силите на НАТО.

Кои се припадниците на групата од триесетина добро вооружени маскирани луѓе со блиндирани возила без таблички, кои насилно упаднаа, а потоа се забарикадираа во манастирот Бањска, каде што ги затекнаа игуменот, монасите и група верници од Нови Сад?
Има многу прашања што чекаат одговори. Што правела вооружената група кај манастирот? Која била целта на нивното собирање? Дали станува збор за припадници на Северната бригада, која оваа година ја промовира Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа, со видеопорака до Албанците: „Се вратив. А вие знаете што значи тоа? Каде сте се повлекле?“. Зошто косовската полиција не го соопштува идентитетот на уапсените Срби?

Клучното прашање е дали зад операцијата Бањска, како што тврдат косовските функционери, стои Вучиќ, кој ја формираше Српска листа за да има целосна контрола врз северот на Косово, а нејзините лидери, како Радоичиќ, ги фалеше како херои за заштита на косовските Срби и ги награди, толерирајќи ги интересите на криминогениот профит и обезбедувајќи им на лидерите на Листата создавање бизнис-империја што доби лукративни зделки низ Србија?
Чинам дека Вучиќ не знаел за инкриминираната група и за нејзините планови.

Без оглед што последниот бриселски дијалог со премиерот Албин Курти заврши со неуспех, претседателот на Србија имаше и одредена дипломатска предност на преговорите – не по сопствена, туку по заслуга на косовскиот премиер, кој одбивајќи ги барањата да формира Заедница на српски општини ја постави Приштина како цел на критиките од Западот.

Тоа навестува опасно сценарио: Вучиќ ја изгуби контролата врз милитантните националисти на Српска листа, кои до вчера ги фалеше како херои. Групата се осили и се одметна, нанесувајќи им голема штета не само на Србите на Косово, туку и на официјален Белград. Половичното оправдување дека Србите од северот повеќе не можат да го трпат теророт на Курти може да делува уверливо, но преземањето на правдата во свои раце лесно може да избега од контрола и да воведе во ситуација на сериозен конфликт, каков што никој не посакува.

Ако се потврди она што многумина го претпоставуваат, Вучиќ ја изгуби последната линија на одбраната. Или тие или тој.
Ова би можело да биде почеток на крајот на политичкиот монопол на Српска листа и на нејзиното командување со сеопштиот живот на косовските Срби. Би можело да биде и долгоочекуваниот момент на вистината, но и крај на политиката на „шарање“ на претседателот и на задржување на статус кво, во што не се разликува од Курти.

Со нападот зад кој недвосмислено стојат Срби, со „терористичката акција“ како што ја нарекува Курти, Белград ја изгуби предноста. Кој ќе разговара за одбивањето на Курти да ја формира ЗСО во време кога гинат луѓе?
Извесно е дека вооружените Срби нанесоа огромни штети не само на интересите на Србите на Косово, туку и на официјалната политика на Белград.
На Вучиќ единствено му преостана да изрази сочувство поради загинувањето на полицаецот и да потсети дека оваа година властите во Приштина 62 пати ја користеле полицијата против Срби. Претпазливо се обиде да ги аболира напаѓачите со зборовите дека му е жал поради тоа што Србите наседнале на провокациите од Курти, но веднаш додаде: „Ни никој начин не сакам да го оправдам убиството на албанскиот полицаец ниту е возможно тоа да се оправда. Тоа е за секоја осуда и тоа е нешто што никому не му е потребно… Единствениот виновник, иако има малку вина и кај оние што му помагаат во тоа, за сѐ што се случува на Косово и Метохија, е Албин Курти“.

Вучиќ ја повика меѓународната заедница да ја формира ЗСО, да се исполнат барањата на српските општини и на северот да бидат српски полицајци. Заборави дека ефикасната акција на косовските сили на редот разоткрија една голема грешка на Белград. Точно е дека Вучиќ во последно време предупредуваше на можноста за ескалација, но се покажа колку била погрешна одлуката за напуштањето на косовските институции, вклучувајќи ги и полициските сили. Да имаше српски полицајци на северот, до сето ова тешко дека ќе дојдеше.

На прес-конференцијата организирана неколку часови по судирот, претседателот делуваше тмурно, па и збунето. Соопшти дека не знае што да прави и дека одлуката ќе ја донесе во наредните денови, а за крај ја остави борбената порака: „Можете сите да нè испотепате, Србија никогаш нема да го признае независно Косово, накарадна творба што ја правевте со бомбардирањето“.
Функционери на Европската Унија веднаш го осудија „гнасниот напад на вооружена банда врз припадници на косовската полиција“, како што тоа го формулираше шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, барајќи нападите итно да запрат. Американскиот амбасадор во Приштина исто така ги осуди „оркестрираните и насилни напади врз косовската полиција“, но симптоматично е и неангажирањето на Кфор и на Еулекс во првите часови од судирот. Како да добиле директива да чекаат на расплетот со одметниците забарикадирани во манастирот Бањска.

Сите сега бараат од двете страни деескалација, што Вучиќ и Курти секако ќе се обидат да го направат. Емисарите од ЕУ и од САД повторно ќе го притиснат косовскиот премиер во врска со ЗСО, а од Вучиќ ќе се бара да ги заузда српските бунтовници. Може ли Вучиќ да ги стави под своја контрола кога им направи аура на заштитници на Србите од северот, на кои, тврди, Курти им спрема етничко чистење?
Одамна претседателот немал толку врзани раце. Тешко дека од помош ќе му биде рускиот амбасадор во Белград, со кого се сретна ден по тешките инциденти. Русија нема интерес за нормализација на Косово, а некои посматрачи не исклучуваат дека прстите на Москва се вмешани во настаните околу Бањска.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот