Данела Арсовска/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

На конкурс се бара директор на ЈСП: Арсовска не кажува како завршија трите огласи за директори објавени во декември

На почетокот на минатиот месец Град Скопје објави три јавни конкурси, кои завршија на 15 декември, за избор на директори на  „Комунална хигиена“, „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“, но до овој миг нема одговор на прашањето на „Слободен печат“, какви се резултатите, избрани ли се директори со мандат од четири години и кои се тие.

Нов јавен оглас за избор на директор на јавно претпријатие објави Град Скопје, овојпат за ЈСП „Скопје“.

Заинтересираните кандидати можат да се пријават во рок од 10 дена од објавувањето на конкурсот, што значи до 24 јануари. Притоа потенцијалниот иден директор на ЈСП треба да е државјанин на Република Македонија, да има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование, во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, да има пет години работно искуство и да поседува меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години.

Според конкурсот директорот ќе се избира со мандат од четири години.

Во моментов со ЈСП раководи Драги Кушовски, кој е в.д.директор, чиј мандат истече минатиот месец, а на 31 декември градоначалничката Данела Арсовска повторно му го продолжи.

На директорот Драги Кушевски му е продолжен в.д. мандатот откако му истече првиот 6-месечен мандат и потпишав решение за ново назначување. Не знам зошто се шират неточни наводи, но можеби некој сака да сокрие нов скандал или непријатни информации – изјави тогаш Арсовска.

Дали сега со јавниот конкурс кој е задолжителен за избор на директор, всушност на актуелниот Кушовски ќе му се тргне „в,д.“ од функцијата, не се знае, затоа што секогаш е неизвесно дали градоначалничката нема да се премисли и на друг да му довери да раководи со претпријатието.

На почетокот на минатиот месец Град Скопје објави три јавни конкурси, кои завршија на 15 декември, за избор на директори со четиригодишен мандат на  „Комунална хигиена“, „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“.

Во овие претпријатија вршители на должност беа назначени минатото лето, што значи дека при крај е и нивниот мандат. На 17 јуни во директорската фотелја на „Паркови и зеленило“ седна Јетон Бучи кадар на ДУИ. Актуелниот директор на ЈП „Комунална хигиена“ Јетон Незири, беше назначен на оваа функција на 8 август, а два дена претходно градоначалничката го разреши дотогашниот директор на „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски и на негово место за в.д. го именуваше Тони Миновски.

Иако од завршувањето на конкурсите помина точно еден месец, до овој миг од Град Скопје нема одговор на прашањето на „Слободен печат“, какви се резултатите, избрани ли се директори со мандат од четири години и кои се тие.

Градоначалничката Арсовска во досегашниот мандат во јавните претпријатија и установи разреши и именува повеќе од 30 директори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот