На Клиниката за Кардиологија за првпат самостојно стентирање на раскината аорта

На Универзитетската клиника за кардиологија првпат самостојно тим лекари направија стентирање на трауматска трансекција на торакална аорта кај 42 – годишен пациент. На пациентот му било дијагностицирано раскинување на ѕидот на градната аорта, по сообраќајна незгода со повеќе скршеници на коски и повреда на белите дробови, соопшти Министерството за здравство.

Ова, како што се посочува, претставува животозагрозувачка повреда која носи ризик од масивно крварење, без можност за прекин, поради што смртноста е речиси 100 проценти.  Итно беше организиран тим од двајца интервентни кардиолози д-р Жан Зимбаков и д-р Оливер Бушљетиќ, васкуларен хирург д-р Мишел Андов и анестезиологот Стефанија Ханџиска.

– Стентирањето на аортата, успешно го изведуваме при аневризми (проширувања) на дел од градната и стомачна аорта. Тоа ни овозможи да ја примениме оваа техника и кај вакви итни состојби, кои се со висока смртност. Овие процедури, заедно со ТАВИ процедурите (не-хируршко поставување на аортна валвула), стентирањето на артериите на вратот и нозете, се дел од секојдневната работа на клиниката, со голема бројка на интервенци. Тоа е неопходно и основно, пред многу други работи, за да се постигне висок квалитет и успех кај овие процедури. Со високиот број на интервенции и целосната материјална опременост која ја имаме, нашиот центар е единствен и водечки во земјата, и на ниво на најголемите европски центри, изјави директорот на Клиниката, Зимбаков.

Во ангио-сала на клиниката, кај пациентот, во целосна анестезија, како што се нагласува, беше направена хируршка препарација на артерија на ногата, со што се отвора место во артеријата за да се внесе посебен вид на стент обложен со материјал.

Стентот со дијаметар 30 мм и должина 200 мм, беше поставен веднаш после артерија субклавија, односно артеријата која носи крв во левата рака и главата. Сложеноста на оваа процедура е позиционирањето на стентот. Тој треба да го покрие раскинувањето на ѕидот на аортата, кое беше на самиот отвор на артеријата за раката, но притоа стентот да не го прекине протокот на крвта за раката и главата. Процедурата помина уредно, со целосно покривање на оштетувањето на аортата и со зачуван проток кон раката и главата. Артеријата на ногата хируршки беше „сошиена”, а пациентот успешно разбуден после анестезијата, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот