На кампување во Македонија, разговор со Бојан Трајкоски, искусен кампер: Кампувањето е нова култура за новите генерации

Ако ги затвориме очите и ако се навратиме на спомените, би ги издвоиле овие места за кампување: Прилепско Езеро, Стење, Мариово покрај Црна Река, Тиквешко Езеро, Црно Езеро – Шар Планина.

Почетоците во кампувањето, Бојан Трајкоски и неговиот постар брат Христијан, ги направиле во автокампот „Васко Карангелески“, Свети Наум, каде што оделе со родителите, и од овој камп ги собрале и искуствата во кампувањето. Следните 12 години Бојан и Христијан продолжиле самостојно да кампуваат на различни дестинации. Паралелно се занимаваат со угостителски дејности и во кампувањето и природата го наоѓаат мирот, далеку од градскиот метеж. На социјалните мрежи се појавиле во 2016 година, откако претходно насобрале искуства од кампување насекаде низ Македонија. Речиси од почетокот, па до денес, одат на кампување со иста екипа и редовно споделуваат нови идеи. Така, интернет-страницата „Кампинг Македонија“ (Camping Macedonia) стана примамливо катче за камперите и за оние кои сакаат да почнат да кампуваат.

– Некои знаат да кажат дека фотографијата е замрзнат момент, но фотографиите на нашите профили што ни ги испраќаат камперите се нешто повеќе од само еден момент.

Тоа мора да го знаете – ни рече нашиот соговорник Бојан Трајкоски.

Тиквешко Езеро – Вливот на реката Црна

Коронакризата нè оневозможи да патуваме надвор од границите на Македонија, па редно е и да ја запознаеме повеќе сопствената земја. Колку камперството е развиено во Македонија?

– Коронакризата сама по себе остави длабок белег во секој дел од нашето општествено живеење, но во моментов не ни оди друго на памет освен тоа дека кампувањето е единственото нешто во периодов што почувствува експанзија и спротивно од сè друго разви една посебна култура, па се надеваме дека во иднина ќе стане не само навика, туку и начин на живеење. Целата изолација што ни беше наметната и препорачана од надлежните за да го спречиме ширењето на вирусот, можеше да се добие само со кампување на отворено, на чист воздух и со најблиските. Со тоа и стресот беше намален. Од друга страна, самите автокампови, кои одамна постојат во нашата земја, докажуваат дека камперството и тоа како е застапено. Новите трендови, достапноста на опремата, идеите кои можеме да ги добиеме од најразлични авантуристи и креативци преку нивните фејсбук или инстаграм-профили, им врежаа една нова култура на новите генерации.

Прилепско Езеро
За секој кампер - аматер, неопходен дел од опремата е: ранец со поголем капацитет, шатор, вреќа, душек, ламба, плинско, чаша, прибор за јадење, прва помош, планинарски панталони, јакна, високи обувки и високи чорапи.
За секој кампер – аматер, неопходен дел од опремата е: ранец со поголем капацитет, шатор, вреќа, душек, ламба, плинско, чаша, прибор за јадење, прва помош, планинарски панталони, јакна, високи обувки и високи чорапи.

Како искусен кампер со над 12 години камперско искуство, кои места ги препорачуваш за кампување за семејства и зошто?

– Жалам што ги немам посетено сите убави места што ги има нашата држава, но сепак сме релативно млади, и покрај 12-годишното искуство. Не постои место што не е убаво за кампување доколку самите не си  ја направите атмосферата. Некои сакаат да кампуваат покрај езеро, други на планина, трети сакаат во шума, покрај река, други во автокамп. Добрата мисла, позитивната енергија на екипата што е дел од тоа дружење, го прави самото место идеално и посебно.

За фамилијарните луѓе ги препорачуваме веќе постоечките кампови каде што се обезбедени со секаков вид неопходни работи потребни за едно семејство – струја, фрижидери, локална продавница…

За оние пак кои повеќе го сакаат авантуристичкото кампување, кои места се на топ 5 листата?

– Ние сме авантуристи и ова е можеби  најнеблагодарното прашање кое воопшто не го посакувавме. Не знаеме што да издвоиме, ама еве, ако ги затвориме очите и ако се навратиме на спомените, би ги издвоиле овие места: Прилепско Езеро, Стење, Мариово покрај Црна Река, Тиквешко Езеро, Црно Езеро – Шар Планина.

Стење – Преспанско Езеро
Кампувањето е начин на живот. Од мали нозе децата се стекнуваат со имунитет. Што е уште поважно, тие ги надминуваат сите стравови и фобии од најразлични инсекти и животинки. Се стекнуваат со најразлични вештини, од тоа како се приготвува храна, до како да држат хигиена во нормални и субнормални услови. Се стекнуваат пријателства кои траат долго.

Кампувањето е начин на живот. Од мали нозе децата се стекнуваат со имунитет. Што е уште поважно, тие ги надминуваат сите стравови и фобии од најразлични инсекти и животинки. Се стекнуваат со најразлични вештини, од тоа како се приготвува храна, до како да држат хигиена во нормални и субнормални услови. Се стекнуваат пријателства кои траат долго. 

Кои според тебе се предностите на камперите?

– Ако размислите подлабоко, камперството не е ни хоби, ни помодарство ни авантура, ни искуство. Кампувањето е начин на живот. Од мали нозе децата се стекнуваат со имунитет. Што е уште поважно, тие ги надминуваат сите стравови и фобии од најразчични инсекти и животинки. Се стекнуваат со најразлични вештини, од тоа како се приготвува храна, до како да држат хигиена во нормални и субнормални услови. Се стекнуваат пријателства што траат долго. И да не редиме уште куп предности што доаѓаат со кампувањето, зашто малку ќе бидат овие две страници.

За оние кои ќе се обидат првпат да кампуваат, како да се подготват? Каква опрема им е неопходна?

– Подготовката пред кампување е дел од авантурата. Ви препорачуваме исхраната да биде инстантна и во конзерви за да не ви зафаќа голем простор во ранецот. За секој кампер  аматер, неопходен дел од опремата е: ранец со поголем капацитет, шатор, вреќа, душек, ламба, плинско, чаша, прибор за јадење, прва помош, планинарски панталони, јакна, високи обувки и високи чорапи.

Дали мора да се купи нова камперска опрема и колку просечно би чинела за почетник, или може и да се изнајми?

– Нема правила. Некој сигурно има дел од опремата од постарите генерации, некој ја набавува дел по дел. Нашите почетоци не беа со шатори, импровизирано ги правевме од неколку шаторски крила и супер ни одеше. Најосновната опрема – ранец, шатор, вреќа – би ве чинела околу 6.000 денари, доволно е за старт. А доколку желбата за опрема е поголема, во приватните кампови можете да изнајмите дел од нивната опрема што е поставена во самиот камп.

Дали за сите камперски дестинации треба да се поседува дозвола за кампување? Постојат ли казни за непрописно поставување на шатор и слично?

 Дозвола е потребна само кога се престојува во автокамповите. Сите правила и одредби се наоѓаат во Законот за автокампови кои можете да ги најдете во истоимениот закон кој е објавен во „Службен весник“ 13-2013. Според „Службен весник“ на РМ (13-2013), кампот се дефинира како угостителска деловна единица што дава уредено земјиште на кое гостинот поставува своја или во кампот изнајмена опрема за сместување (камп приколки или шатор, маса и столици, лежалки и др.) и простор за сместување на возило. Забрането е кампување во сите национални паркови. Казни постојат. Но тие најчесто се однесуваат за заштита на природата и природните богатства. Видовте што се случи за време на празничниот викенд во Охрид од големиот број несовесни граѓани. Но ние не сакаме да го коментираме тоа.

Почетоците на Camping Macedonia

Иницијатор си на интернет-страницата „Кампинг Македонија“, каков е интересот на Македонците за кампување, дали се активни на оваа страница, има ли нови членови кои се заинтересирани да почнат?

– Морам да бидам искрен, присебен и реален, но со задоволство сакам да кажам дека станавме препознатлив бренд.  Со задоволство сакаме да кажеме дека можеби и не постои кампер што не споделува фотографија или видеозапис со нас. Како сите да правиме една сложувалка од камперски искуства. Наши сограѓни споделуваат фотографии и од своите искуства низ светот, не само во нашата држава. Присутни сме на Фејсбук и Инстаграм, а во последно време сме активни и на Твитер со некои наши информации што ги даваме за местата на кампување и искуствата од камперите. Па заследете нѐ, ќе научите и некоја добра и интересна информација. (Инстаграм: @campingmk, Фејсбук: @campingmacedonia, Твитер: @camping_mk).

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот