Јалдз Веапоска се вознемири во судница, д-р Мухамед Асани изјави дека апсолутно не се чувствува виновен за нејзините извадени органи

Фото: Принтскрин

Денеска во Основниот суд во Струга, се појавија тројцата обвинети доктори Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и уште една лекарка гинеколог од болницата, на рочиште поврзано со случајот Јалдз Веапоска, на која при царски рез отстранети и беа матката бубрегот и јајникот.

И д-р Мухамед Асани и синот Блертон Асани досега не се појавуваа на рочишта, па затоа тие се одложуваа. Во судницата поранешниот директор на струшката болница кој ја породи Веапоска изјави дека апсолутно не е виновен, а дека не се чувствуваат виновни посочија и другите двајца лекари.

Тројца доктори од Струга обвинети за вадењето на органите на родилката Јилдз Веапоска – ја дупнале бубрежната артерија при царскиот рез

Потоа сведочеше Веапоска, која видно се вознемири поради соочувањето со обвинетите и поради присетувањето на деновите во болница за кои зборуваше во судница.

– Кога кажав дека органите ми се извадени ми се слоши, не можев да зборувам, не бев добра. Судијата даде пет минути пауза. Ја објаснив целата ситуација, од почетокот до крајот односно додека се разбудив на КАРИЛ. Дека бременоста ми ја водеше д-р Мухамед Асани во неговата куќа во Струга, породувањето го закажа дента кога беше дежурен во струшката болница, објаснив за периодот после операцијата па се додека паднав во кома. Кажав дека цело време имав болки и ме третираа само со инјекции против болка и не направија никаков друг преглед. Нивните адвокати ме прашаа дали сум потпишала согласност пред операцијата, ама јас кажав дека потпишав согласност не да ми извадат матка, бубрег и јајник, туку согласност за царскиот рез, изјави Веапоска за „Слободен печат“.

Веапоска пријавила и оштетно побарување, а сумата ќе биде позната после вештачењето. Следното рочиште е закажано за 10 март во 10 часот во истиот суд.

Јавното обвинителство Струга уште лани во мај поднесе обвинителен предлог против екс директорот на струшката болница и гинеколог д-р Мухамед Асани, син му Блертон Асани и уште една лекарка гинеколог од истата болница, затоа што родилката од Дебар Јалдз Веапоска при породувањето ја оставиле без матка, бубрег и јајник.

Според ОЈО, првообвинетиот како лекар специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот како специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата како гинеколог акушер вработени во струшката болница, при укажување на лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентката со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.

Веапоска била примена во болницата на 27 август 2020 година за да се породи во 40 недела од бременоста. Ја примил д-р Мухамед Асани, кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал и синот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија, напиша обвинителството во јавното соопштение.

Како резултат на ова оштетување дошло до влошување на здравствената состојба на пациентката, која била нестабилна, но и покрај тоа обвинетите не презеле никакви мерки за утврдување на причините за влошување на нејзината состојба. Со терапијата која и ја дале дополнително ја влошиле состојбата на пациентката и задоцниле со реакцијата, поради што кај неа настанала огромна загуба на крв и западнала во состојба на шок.

Во такви услови, првообвинетиот со асистенција на третообвинетата се решиле да извршат нов оперативен зафат за да го спречат крварењето, да и ја отстранат матката и левиот јајник иако на овие органи немало никакви промени или повреди. Откако и по затворањето на пациентката крварењето не престанало, тие се решиле за уште еден оперативен зафат при што хирурзите откриле дека крварењето доаѓа од оштетувањето на бубрежната артерија предизвикано при царскиот рез. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани левиот бубрег со цел да се спаси животот на оштетената.

Кога тоа било направено и крварењето било запрено, пациентката била препратена на лекување на Државната клиника „Мајка Тереза“ во Скопје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот