На изборите ќе победиме, но ако се распишат – ќе бојкотираме!

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Нивната политика е најглупавата и најзла партиска политика откога постои светот и накусо гласи вака: избори не смее да има додека државата ја држи корона катастрофата под контрола. И уште: на изборите сигурно ќе победиме, но ако се распишат – ќе ги бојкотираме!

Само две работи се бесконечни – вселената и човечката глупост, но за првата и не сум баш сигурен. Оваа неброено пати цитирана изјава на Ајштајн, човекот врз чијашто интелигенција и имагинација се темели целокупниот денешен светоглед на човештвото, содржи во себе вистински епистемолошки парадокс. За она за што знаел најмногу – за универзумот – Ајнштајн покажува несигурност, додека за безмерната, недофатлива и необјаснива глупост, за којашто имал најмалку лично искуство, генијалниот ум манифестирал сигурност која се граничи со религиозност. Генијот сепак морал болно да се судри со несомерливо темното пространство на глупоста за да ѝ се поклони со толкава понизност и стравопочит. Си мислам, да го живеел 21 век, и покрај неговата интелектуална супериорност, Ајнштајн би бил шокиран од пандемијата на глупост што ја зафати планетата, а безбели, нејзините дострели во Македоња Вечна сосем би го парализирале овој умствен гигант.

Најстарата дефиниција на глупоста му се припишува на грчкиот филозоф Теофраст, некаде во преодот од 4-от во 3 век пред нашата ера, при што глупавиот е дефиниран како „спор во мислата, говорот и дејствувањето“. Очигледно дека Теофраст немал искуство со феноменот ВМРО-ДПМНЕ, кој е доказ токму на спротивното, дека вемерето зборува глупости и пред да ги смисли, и дејствува секавично и секогаш на најглупав можен начин. Очигледно дека класичната грчка филозофија немала искуство со разулавената глупост со која ВМРО ја плави нашата секојдневница. Но, Џејмс Уелс во неговото дело „Разбирање на глупоста“ тврди дека „поимот треба да се употребува за означување на состојбата на свест што себеси се смета за информирана, но со јасни намери што се сосем неприлагодени на стварноста. Уелс инсистира на разликувањето помеѓу глупоста и незнаењето, зашто навистина глупавиот морал да знае дека дејствува во корист на сопствената штета и дека глупавиот акт мора да биде слободен избор, а не чин на присила или несреќен случај.

Со полна свест и намера штеточинат и глупочинат

И тука стариот Џејми нѐ доведе поблиску до разбирањето на феноменот на вмровската несомерлива глупост: што и да смислат, изговорат или направат, тоа мора да биде најштетниот и најглупавиот избор за нив. А, бидејќи вмровската свест по дефиниција се идентификува со македонската држава, тоа автоматски го објаснува вмровското инхерентно антимакедонство. Бидејќи, кутрите, сметаат дека сите Македонци се ВМРО, а партијата е држава, тоа значи дека единствениот модус вивенди на ВМРО е секогаш да се прави најглупавиот и најштетниот избор за македонската држава, култура и „пучанство“.

Меѓутоа, додека Уелс претпоставувал дека за вистинската глупост чинот на слободниот избор е основна премиса, значи дека глупавиот треба слободно, со предзнаење и намера (со полна свест и без присила) да ја избере најглупавата и за него најштетна опција, тоа за вмровците практично не е целосната вистина. Да, тие со полна свест (ако е поимот воопшто применлив за вмро) и намера штеточинат и глупочинат, но тие се длабоко уверени дека тоа не е по нивен избор, туку дека тие се во света мисија, целосно посветени и пожртвувани, водени од Госпот Бок Лично, да ја претворат Македонија во уште побиблиска земја, потопувајќи ја во нивната глупост од библиски пропорции.

Еден друг научник нурнат во изучување на бездната на глупоста, рангирајќи и категоризирајќи ја глупоштијата од различни видови, не приближува уште повеќе до разбирањето на вмровската глупост. Кај Ленокс незнаењето е невино и со него сите се соочуваме секојдневно. Глупавоста, меѓутоа, се појавува кога актерот ја лаже околината за тоа колку не знае, однесувајќи се како да знае. Особено изразената глупавост се состои во криење на размерите на сопствената глупост дури и од себеси, а криминалната глупост претпоставува наметнување на сопствената глупост на други. Забележувате, почитувани читатели, дека вмровската глупост ги содржи сите градации на глупоста, а за остварување на последиот степен – криминалната глупост – тие ги злоупотребија институциите на македонската држава и цела деценија и кусур го заглупуваа целото македонско општество.

Избор на нови непостоечки стручњаци од непартиското ВМРО!?

И, никогаш вмрото не промашува, нивниот избор не е само најглупавиот, туку и најштетниот за Македонија, тоа е секогаш најекономичниот потег со најмалку напор да се направи најголема штета. Трите години во опозиција го опструираа парламентот да носи реформски закони, ја парализираа целата државна администрација, а најмногу судството и обвинителството, што заврши со нивното ремек-дело: уништувањето на специјалното обвинителство. Кога пандемијата го навјаса светот и кога единствената човечка реакција беше деполитизација и здружено мобилизирање во организиран државен и народен одговор на природната катастрофа, тие почнаа хистерична политичка кампања на ширење на сомнеж, паника, прикажувајќи ја здравствената политика на Владата како политичка кампања. Сега, кога ни се заканува пролонгирање на кризата заради загрижувачко непочитување на здравствените мерки, одговорот на ВМРО е најштетниот и најзлиот што е можно. Тие предлагаат да се распушти експертското тело, здравствено-епидемиолошката комисија што ја советува Владата за неопходните здравствено-заштитни мерки, за да се пристапи кон избор на нови непостоечки стручњаци од непартиското ВМРО!? Најекономичен чекор со најмалку напор да се произведе најмногу хаос и најмногу штета, болест и умирачка!

Оваа група на зловести глупаци ја искористуваат планетарната здравствена кактаклизма во свои теснопартиски цели и ја повикуваат заразата да донесе повеќе хаос, несреќа и смрт, што ќе им помогне да се дофатат до власта. Плашејќи се од избори како ѓавол од крст, тие непогрешно ја бираат најштетната опција за сите нас, а тоа е политиката – колку полошо за земјата, толку подобро за ВМРО. Колку повеќе ковид-19 болни, толку повеќе шанси за одлагање на изборите. Колку подолго е Македонија без парламент и без влада со полн капацитет и легитимитет, колку се поголеми шансите за хаос и незадоволство во земјата, толку се поголеми се шансите на ВМРО да профитираат од сенародната несреќа. Нивната политика е најглупавата и најзла партиска политика од кога постои светот и накусо гласи вака: избори не смее да има додека државата ја држи корона катастрофата под контрола. И уште: на изборите сигурно ќе победиме, но ако се распишат – ќе ги бојкотираме!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот