Зеленчук во маркет / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

На Хрватите им пукна филмот поради високите цени – утре ќе ги бојкотираат продавниците, маркетите, бензинските пумпи…

Во Хрватска, поради рекордни поскапувања, на социјалните мрежи се шири повикот за бојкот на продавниците утре, петок, 24 јануари, инициран од здруженијата на потрошувачи.

Во порака на социјалните мрежи се повикуваат граѓаните утре да не купуваат ништо во продавниците и бензинските пумпи.

Потрошувачката платформа „Ало инспекторе“ денеска преку социјалните мрежи уште еднаш ги повика граѓаните да се приклучат на бојкотот и утре да покажат што мислат за наглиот раст на цените и инфлацијата.

„Со тоа што не одите во продавница и одбивате да купите, вашиот глас конечно се слуша. Не купувајте утре. Кажи доста“, стои во објавата на Фејсбук, под која граѓаните пишуваат пораки за поддршка.

На бојкот повикаа и некои синдикати и политички партии, главно опозициски.

Независните хрватски синдикати денеска го поддржаа повикот за бојкот на продавниците и предупредија дека „неподносливото зголемување на цените го загрозува животниот стандард и постигнатите резултати од зголемувањето на приходите на граѓаните“.

Претставникот на синдикатот, Крешимир Север, рече дека бојкотот е „единствениот вистински лек во борбата против високите цени“, додавајќи дека таквите акции доведоа до резултати во Италија, Турција и Обединетото Кралство.

Најголемата опозициска партија, Социјалдемократската партија (СДП) на Хрватска, ја поддржа акцијата и оцени дека бојкотот и протестите се „неопходни, но дека е клучна нова одговорна политика која ќе каже „не“ на дополнителниот профит.

Партијата најави дека утре пред јавноста ќе ги претстави своите насоки за борба против инфлацијата.

Интересно, бојкотот го поддржаа и министрите за економија и за животна средина, Анте Шушњара и Марија Вучковиќ, што опозицијата го опиша како „врвот на цинизмот“.

Како одговор на изјавите на дел од економистите дека најавениот бојкот нема да има многу ефект затоа што повеќето граѓани ќе пазарат ден порано или ден подоцна, реагираше потрошувачката платформа „Ало инспекторе“ која најави можност за организирање нов подолг бојкот.

„Ако треба, од понеделник, 27 јануари, ќе го бојкотираме првиот малопродажен синџир! Кој? Тоа зависи од вас да одлучите. Потрошувачите, заедно со малопродажните синџири, можат да испратат силна порака до сите производители, но и до дистрибутерите и увозниците на разни прехранбени и други производи кои се драстично поскапи отколку во другите земји на ЕУ или станаа ненормално поскапи во последните шест месеци. “, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот