На Груевски му застарува делото за набавката на „мерцедесот“
Поранешниот премиер Никола Груевски на 4 октомври годинава му застарува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, кој се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“. Груевски на 4 октомври 2018 година беше правосилно осуден, така што на 4 октомври годинава поминуваат шест години, што е законски предвидениот рок за застарување на одлежувањето на казната, објави Призма.
Според Кривичниот законик, застареноста на извршувањето на казната настапува кога ќе помине двапати онолку време колку што е потребно за застарување на делото. Во случајот на Груевски, рокот за застареност изнесува три плус три години.
Други осудени лица во случајот „Тенк“, беа и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешнииот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, веќе ги одлежаа своите казни.
„Мерцедесот“, пак, сè уште се користи за официјални делегации, потврдува директорот на СОЗР, Ивица Томовски. Кој се вози во него и за што се користи, тема на разовор беше и во неодамнешното издание на Дејли Клик на ТВ21.