На Груби му е криво за изјавата со Али Ахмети и народот, тоа била „несреќна мешаница“ на неговите зборови

Артан Груби / Фото: МИА

Откако денеска изјави: „Во овие околности во кои се наоѓаме, на Али Ахмети не му треба ДУИ, туку ДУИ има потреба од Али Ахмети. На Али Ахмети не му треба народот, туку народот има потреба од Али Ахмети“, вицепремиерот Артан Груби вечерва преку Фејсбук појасни дека она што го кажал, не било тоа што сакал да го каже.

„Мојот однос со претседателот Али Ахмети е како односот на сите вас кои сте убедени во неговиот животен пат, неговата правда, неговата визија, неговата национална вредност за сите Албанци. Искрената намера на мојата изјава беше да ја истакнам неоспорната вистина дека на Али Ахмети му е потребен народот, колку што му треба на народот Али Ахмети, но една несреќна мешаница на моите зборови погрешно ја претстави намерата, за што, ми е криво“, напиша Груби на Фејсбук.

Тој во неговата објава, во која во карактеристичен стил го фали и велича партискиот лидер, наведе дека Ахмети ја добил моќта за дејствување од народот и го има народот зад себе во текот на целото негово политичко работење.

„Тој продолжува да биде непоколеблив визионер во исполнувањето на идеалите за напредок и интеграција. Тоа се докажа во сите прогресивни процеси низ кои мина државата, каде што Ахмети и луѓето зад него постигнаа слобода, еднаквост, обезбедија интеграција на земјата во НАТО и ги задржаа вистинските колосеци на евроинтеграциите. Неговата и наша единствена мисија е да им служиме на луѓето и да обезбедиме подобра иднина со тоа што ќе ви служиме на сите вас“, пишува Груби во последниот опис на животот и делото на неговиот лидер.

Груби деновиве е под притисок да биде разрешен, откако таканаречената „огнена група“ од функционери на партијата, предводени од Изет Меџити и Блерим Беџети, најави формирање фракција или дури отцепување во нова партија, доколку не бидат сменети Груби и други владини функционери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот