На фестивалот „Силјан Штркот“ во Прилеп беше промовирана книгата „Сонцето и Кралицата на темнината“
Сите приказни се создадени од деца: мали или, пак, големи. „Сонцето и Кралицата на темнината“ (текст: Оливера Андоноска, илустрации: Александар Џинго) почна од една Маја, која имаше околу три години кога се запраша какво било Сонцето кога било дете, а им се претстави на читателите на 14 мај, во рамките на Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ во Прилеп (13 и 14 мај).
Оваа приказна е верзија на авторите на неговото детство, на топлото пријателство со неговата посебна другарка – планетата Земја, за едни наконтени ѕвездички… и за една Кралица – љубителка на мракот.
Сонцето не било како другите ѕвезди, кои му се потсмевале и не сакале да другаруваат со него. Тоа било осамено и тажно. Какви што се многу деца, кои се чувствуваат како него. Поради изгледот, облеката, начинот на зборување, затоа што малку поинаку размислуваат, затоа што поставуваат прашања, затоа што имаат необична фантазија…
Токму затоа во својата суштина оваа приказна ја одразува различноста, прифаќањето, а уште повеќе нетолеранцијата спрема неа. Нејзиното настанување се совпадна со многу вести и пријави на вербално и физичко насилство меѓу децата од најрана возраст. Па така, „Сонцето и Кралицата на темнината“ полека стана приказна и за возрасните, затоа што се покажува дека децата го учат однесувањето од нас.
Авторите на оваа приказна веруваат дека секое дете е суперхерој и има свои супермоќи. Што – не верувате!? Вистина е, само треба да ги откриете, така како што Сонцето ги открива своите.
Идејата на приказната е да се поттикне секое дете да биде свое, да се запознава и да верува во себе, но истовремено и да биде љубопитно за различните од себе, затоа што така ќе открива нови светови и ќе станува побогато и толерантно.
А пораката е дека само љубовта и вистинското другарство се умна работа, а омразата, потсмевањето и насилството се глупава и будалеста и, конечно, треба да излезат од мода. Затоа, драги деца, бидете како Сонцето – свои и сјајни! – напиша Звонко Димоски за „Културен печат“.