На денешен ден замина кошаркарскиот Моцарт 

На 7 јуни пред точно 27 години во сообраќајна несреќа загина еден од најдобрите кошаркари во историјата, Дражен Петровиќ.

Веднаш по натпреварот против Словенија во квалификациите за ЕП, Дражен Петровиќ одлучи од Германија кон родната Хрватска да патува со автомобил заедно со својата девојка, Германката Клара Шаланци и турската кошаркарка Хилал Едебал.

Кошаркарскиот „Моцарт“ се возеше во црвен Волксваген Голф, спиејќи на совозачкото место, а со автомобилот управуваше неговата девојка Клара, додека на задното седиште беше Хилал Едебал.

Од спротивната страна доаѓаше камион кој во обидот да претекне едно возило, ја загуби конторлата, ја проби средишната ограда и се преврте на патот. Бидејќи видливоста беше слаба, Голфот со брзина од 160 километри на час, удри директно во камионот и Дражен загина на лице место. Оваа вест го зави во црно хрватскиот спорт но и кошаркарскиот свет бидејќи замина виртузот со топката, кошаркарскиот „Моцарт“.

Тој иако имаше можност да се врати со колегите од репрезентацијата, Петровиќ се одлучи за поинаква варијанта, сакаше да помине уште некој ден заедно со својата девојка и за жал таа одлука се покажа кобна.

– Ние се враќавме од Варшава кон Франкурт, а таму Дражен одлучи да го продолжи патот со својата девојка. Неверојатно е што во моментот на несреќата, нашиот авион прелетуваше на тоа место и пилотот ни кажа да се врземе поради турбуленции, а под нас беа црни облаци. Неверојатно, но тоа е животот. Една од сликите која постојано ми се врти во главата и кога најдобро опишува каков човек и кошаркар беше Дражен. Во натпревар без никакво значење ние успеавме да се скараме поради една акција која не се одигра како што очекувавме – вели Дино Раѓа, неговиот најдобар пријател.

И неговата мајка, Бисерка Петровиќ, не може да го заборави 7. јуни 1993 година.
– На тој 7 јуни 1993 година чекав да ми се јави Дражен, имаше обичај да ме побара кога ќе помине одреден дел од патот. Заѕвони телефонот, се јавив, мислев дека е Дражен. За жал не беше тој, на телефон ми се јави македонка која на хрватски јазик ме праша дали е тоа станот на Петровиќ. Кога одговорив потврдно, ми кажа дека Дражен починал. Почнав да плачам, слушалката ми падна од раце и во таква состојба тргнав кон балконот… Тоа многу ме погоди. За среќа, мојот сопруг беше дома и ме запре. Тоа беа најтешките денови од мојот живот, на погребот беа илјадници луѓе – раскажува Бисерка.

Спомените на Дражен Петровиќ не бледнеат ниту 27 години по неговата смрт, кошаркарскиот Моцарт кариерата ја започна на 13-годишна возраст во Шибенка, а само две години подоцна влезе во првиот тим. Одличните игри како тинејџер во Шибенка, само две години подоцна му донесоа трансфер во Цибона со која два пати стана и европски шампион.

По Цибона, последна европска станица му беше Реал Мадрид, а потоа замина во НБА лигата. Не доби шанса во Портланд, но затоа во Њу Џерси стана еден од најдобрите кошаркари во НБА. Успеа да биде избран и во третата најдобра петорка во НБА лигата.

Судбината сакаше кошаркарскиот Моцарт да замине предвреме, на само 28 години но неговите игри и неговиот победнички и натпреварувачки менталитет остануваат вечно врежани во срцата на сите љубители на кошарката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот