На денешен ден е роден Алберт Ајнштајн: Ја понудил Нобеловата награда како дел од бракоразводната спогодба

Алберт Ајнштајн, Фото: Profimedia

Алберт Ајнштајн е германски теоретски физичар, најпознат по неговата Теорија на релативноста и Теоријата за еднаквост на масата и енергијата, Ајнштајн ја добил Нобеловата награда за физика во 1921 година за „неговата работа во полето на теориската физика, а особено за неговото откритие на фотоелектричниот ефект“.

Алберт Ајнштајн е роден во еврејско семејство во Улм, Виртемберг, Германија на 14 март 1879. Неговиот татко бил Херман Ајнштајн, продавач и инженер. Неговата мајка била Полин Ајнштајн (моминско презиме Кох). Во 1880, семејството се преселило во Минхен, каде неговиот татко и вујко формирале компанија, „Elektrotechnische Fabrik J. Einstein & Cie“, која произведувала електрична опрема.

Фото: Profimedia

Ајнштајнови не биле големи еврејски религозни верници, па затоа Алберт посетувал католичко основно училиште. Иако Ајнштајн имал рани говорни маани, тој сепак бил меѓу врвните ученици во училиштето. Револуционерни научни идеи го направиле Ајншајн синоним за гениј, но исто така бил познат и по своите пацифистички ставови, како и по поддршката што им ја давал на движењата за човекови права. Еве уште неколку интересни детали од животот на познатиот научник.

Математички гениј на 15 години

Учениците низ светот што мака мачат со математиката честопати се тешат со тврдењето дека и Алберт Ајнштајн бил лош математичар, што се покажало како неточно затоа што податоците всушност покажуваат дека бил извонреден ученик. Во текот на своето школување во Минхен, Алберт имал високи оценки, но бил фрустриран, како што самиот велел, од механичката дисциплина на која инсистирале неговите професори. Идниот нобеловец го напуштил училиштето иако бил меѓу најдобрите во класот, па дури и го сметале за гениј поради начинот на кој ги разбирал сложените математички и научни концепти. Кога подоцна се појавил новинарски напис во кој се тврдело дека паднал на испитот по математика, Ајнштајн го отфрлил тоа како комплетна невистина и изјавил дека диференцијалната и интегралната математика ги совладал пред да неполни 15 години.

Првото дете на Ајнштајн било дадено на посвојување

Во 1896 година Ајнштајн се откажал од своето германско државјанство и се запишал на швајцарското Сојузно политехничко училиште во Цирих, каде што ја запознал српската научничка Милева Мариќ и почнал страсна врска со неа. По дипломирањето тие се венчале и добиле два сина, но една година пред бракот Милева родила ќерка, која ја нарекле Лисл. Ајнштајн никогаш не го споменал ова дете, и биографите не знаеле дека постоело сè додека неговите приватни документи не биле дадени на испитување во 80-тите години од 20 век. Судбината на ова дете и денес е мистерија, а постојат различни поделени мислења: некои веруваат дека починала од заразната болест шарлах во 1903 година, додека други сметаат дека ја преживеала болеста и била дадена на посвојување некаде во Србија.

Алберт Ајнштајн со сопругата Елза / Фото: Википедија

Ужасен сопруг и татко кој ја понудил својата Нобелова награда како бракоразводна спогодба

Милева Мариќ Ајнштај била талентирана физичарка и најважната и најдоверливата соработничка и сопруга на Алберт Ајнштајн. Меѓутоа, љубовта и бракот со нив ѝ донеле и години мака, несреќа и непризнаена заслуга – како научник, мајка и сопруга.

Токму таа решила поголем број од математичките проблеми за настанувањето на познатата теорија. Таа со тоа не само што му помогнала на својот сопруг, туку и учествувала во едно од најголемите откритија. Меѓутоа, тој дел од приказната малку кој го знае, исто како и нејзиниот живот покрај Алберт.

Приватниот живот на Милева и Алберт Ајнштајн бил се само не убав. Алберт, како и поголемиот број научници, бил преокупиран со своите мисли и идеи, но и кога тоа не било случајот – тој бил многу лош сопруг и татко. Тоа идело до таа мера да прочуениот гениј го криел постоењето на своето семејство и своето прво дете од јавноста.

Алберт и Милева во 1902 година добиле вонбрачно дете, девојче по име Лизел, а според строгите инструкции на Алберт, тоа никој не смеел да го знае и Милева морала да се крие во Србија заедно со нивната ќерка. Алберт никогаш не ја видел својата ќерка.

Се шпекулира дека девојчето, откако Алберт ја принудил Милева да ја остави во Србија и му се придружи во Берн, починало од шарлах. До денешен ден не е докрај разјаснета судбината на првото дете на Алберт, а за неа се дознало дури пред само 30 години, кога биле откриени писмата кои парот ги разменувал во тоа време.

Уште подегутантен е фактот за Ајнштајн кој докажува каков човек бил – неговото помало дете Едвард се родило со шизофренија, а прочуениот научник за него велел дека „не е сосема човек“.

Што се однесува до односот на Алберт спрема сопругата, која сето време го поминала помагајќи му во работата и во исто време грижејќи се за куќата и двете мали деца – може да се каже дека бил безчувствителен, бездушен и неправеден.

Пример за тоа е фактот дека кога ја добил Нобеловата награда, премолчел во целост за учеството на Милева во теориите на кои работел, а кои на крајот му ја донесоа наградата. Така што, слободно може да се каже дека Милева Ајнштајн била нобеловка исто колку и Алберт Ајнштајн.

Тој поднел барање за развод од Милева во 1916 година, а неа ја погодила тешка болест. Тој го напуштил семејството, се преселил во Берлин и почнал љубовна врска со својата роднина Елза. Блиски пријатели тврделе дека барањето за развод е причина за нејзиното нагло губење на здравјето. По две години, таа се согласила да се разведе од него, а тој за возврат ветил дека ќе ѝ даде пари од Нобеловата награда ако евентуално ја добие. Официјално се развеле во 1919 година, а Ајнштајн подоцна ѝ предал мало богатство откако ја добил Нобеловата награда за физика во 1922 година, за својата работа на фитоелектричниот ефект. Во тоа време веќе бил оженет со Елза, со која останал во брак сè до нејзината смрт во 1936 година. Милева во животот наишла на многу проблеми, нејзината сестра Зорка доживеала нервен слом, нејзината мајка починала, а набргу потоа и нејзината сестра, а на нејзиниот син Едуард му било дијагностицирана шизофренија. По еден од насилните напади на Едуард во 1948 година, Милева се онесвестила и била пренесена во болница. Таа таму и починала, три месеци подоцна, на 4 август 1948 година, под неразјаснети околности. Дури и самите лекари не можеле да ја утврдат причината за смртта. Нејзините најблиски пријатели сметале дека срцето ѝ пукнало од тага. Милева била погребана на гробиштата Нордхајм во Цирих.

За Милева и Анштајн напишани се неколку книги, но посебно се издвојува книгата на американката Мери Бенедикт со наслов „The Other Einstein“, која го опишува животот на Милева во прво лице – од младоста и среќниот почеток со Алберт до заборавањето од страна на светот дека таа воопшто некогаш постоела.

Милева и Алберт Ајнштајн како студенти: Изгубена во мрачната сенка на суетен маж

Затемнувањето на Сонцето му донело светска слава

Во 1915 година Ајнштајн ја објавил својата теорија за релативиноста во која тврдел дека гравитациските полиња предизвикуваат нарушувања во ткивата на просторот и времето. Бидејќи ова на јавноста ѝ звучело како слепо прекројување на законите на физиката, теоријата останала контроверзна сè до мај 1919 година, кога целосното затемнување на Сонцето му обезбедило соодветни услови за тестирање на неговото тврдење дека супермасивниот објект, во случајот Сонцето, може да предизвика мерлива крива во движењето на ѕвездите што гравитирале околу него. Со надеж дека еднаш засекогаш ќе ја докаже теоријата на Ајнштајн, англискиот научник Артур Едингтон отпатувал до брегот на Западна Африка за да го фотографира затемнувањето. Со анализата на фотографиите тој дошол до заклучок дека гравитацијата на Сонцето го поместила светлосниот зрак токму колку што предвидувала теоријата на општата релативност. Оваа вест го прославила Ајнштајн речиси преку ноќ. Новинарите почнале да го прогласуваат за наследник на Исак Њутон, а тој патувал по целиот свет за да држи предавања за своите теории за вселената. Според неговиот биограф Валтер Ајзаксон, во наредните 6 години по затемнувањето на Сонцето, во 1919, биле издадени повеќе од 600 книги и написи за теоријата на релативноста.

ФБИ со години го шпионирало Ајнштајн

Непосредно пред доаѓањето на Хитлер на власт во 1933 година, Ајнштајн ја напуштил Германија и се преселил во САД каде што добил позиција на Институтот за напредни студии во Принстон. Неговата поддршка на пацифистите, граѓанските права и левичарските движења веднаш предизвикала сомнеж кај Федералното истражно биро (ФБИ), а по доаѓањето на американска територија, бирото  покренало постапка што набрзо се претворила во целодневен надзор во текот на следните 22 години. Агентите му ги прислушувале телефонските разговори, му ја отворале поштата, копале по кантите за ѓубре со надеж дека ќе го разоткријат како субверзивен елемент или советски шпион. ФБИ сепак останало со кратки ракави, но кога Алберт починал, неговото досие веќе имало неверојатни 1.800 страници.

Pixabay
Фото: Pixabay

Добил понуда да стане претседател на Израел

Иако не бил особено религиозен, Ајнштајн чувствувал длабока врска со своето еврејско наследство и често говорел против антисемитизмот. По смртта на првиот претседател на Израел, Хаим Вајцман, во 1952 година, владата на оваа земја му го понудила претседателското место на познатиот научник. Ајнштајн ја одбил оваа понуда, а во писмото до израелскиот амбасадор навел дека цел живот се занимавал со објективни работи, па затоа му недостигале способност и искуство правилно да постапува со луѓе и да извршува таква функција.

По смртта му го украле мозокот

Алберт Ајнштајн починал во април 1955 година од аневризма на стомачната аорта. Тој оставил завет по својата смрт да биде кремиран, но патологот од Принстон, Томас Харви, при аутопсијата го извадил мозокот на научникот и го сочувал со надеж дека ќе ги открие тајните на овој гениј. Откако добил одобрување од синот на Ајнштајн, Харви го исекол мозокот на неколку дела и им ги испратил на разни научници од светот за испитување. Од 1980 година биле спроведени неколку студии во врска со мозокот на Ајнштајн, но сите биле дискредитирани. Можеби најпознатата од нив била онаа што ја објавиле експертите од канадскиот универзитет во 1999 година, во која се тврдело дека Ајнштајн имал необични набори на париеталната регија, дел од мозокот кој е поврзан со математички и просторни способности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот